Дали кафето и лимонот навистина помагаат при главоболка?

Фото: Pexels
163

Вазодилататорните главоболки се последица од проширување на крвните садови, додека вазоконстрикторните главоболки настануваат поради стеснувањето на крвните садови, вели српската невропсихијатарка д-р Душанка Петровиќ.


Кафето и лимонот се познат народен лек за лекување на главоболка.

Некои луѓе тврдат дека овој напиток им ги ублажува главоболките од мигрена.

Невропсихијатарката д-р Душанка Петровиќ за порталот еКлиника објаснува дали има корист од користењето на овој традиционален лек?

Кога кафето и лимонот можат да помогнат?

Главоболките се делат на примарни и секундарни според причината за нивното потекло и основната поделба.

Најчести примарни главоболки се различни видови на мигрена, тензични главоболки.

Секундарните главоболки најчесто се резултат на повреда на главата и/или вратот, некоја инфекција, синусна главоболка.

Во медицината постојат неколку десетици видови различни главоболки кои во зависност од причината бараат посебен третман, нагласува д-р Петровиќ.

„Вазодилататорните главоболки се резултат на проширување на крвните садови, додека вазоконстрикторните главоболки се предизвикани од стеснување на крвните садови.

Поточно, комбинацијата на кафе и лимон за терапевтски цели може да помогне во некои случаи, каде што крвните садови се прошириле.

Кофеинот од кафето има способност да ги стеснува крвните садови, но не можеме да кажеме дека кафето и лимонот се терапија за сите видови главоболки, објаснува д-р Петровиќ.

Кога треба да пиете кафе и лимон за да ја ублажите болката?

Лекарката прецизира дека овој напиток може да им помогне на некои пациенти, само доколку главоболката настанала поради ширење на крвните садови и во оние случаи кога се појавиле симптоми како мачнини и гадење, кои често се придружени со главоболка.

„Некои пациенти имаат корист од овој помошен лек, но сепак е важно да го испијат веднаш штом ќе ја почувствуваат првата болка“, забележува д-р Душанка Петровиќ.

Кога е неопходно да се побара стручна помош?

Најчестите тензични главоболки не се опасни, тие често можат да бидат резултат на лоши животни навики, на пример, недоволно внесување течности, недостаток на сон, прескокнување оброци, неправилна положба на телото.
Има, меѓутоа, и други посериозни облици на главоболки, па лекарите советуваат да побараме стручна помош доколку забележиме значителни промени во шемата на главоболка, ако наеднаш се појави многу силна главоболка, болка која се зголемува со кашлање или движење.

Потребно е да се побара помош и кога главоболката е придружена со висока телесна температура, вкочанет врат, збунетост, визуелни нарушувања, нејасен говор, слабост, вкочанетост, доколку состојбата ги попречува секојдневните активности, по повреда на главата.