За храната, за гладта, за тоа што е кошер, а што не е, за мирисот на пандишпанот…

Фото: Маја Јаневска Илиева (Празнична трпеза со симболите кои го карактеризираат празникот Пасха)
92

Каде јадат двајца, јадат и тројца; Сѐ во животот е работа, дури и кога јадеш, мора да џвакаш!
Овие и други ладино поговорки за храна, рецепти од сефардската кујна и пригодите во кои се приготвуваат, приказната за пандишпанот. Сето ова е дел од изложбата „Мириса на пандишпан“, во спомен на сите гладни убиени души во логорите на смртта и концентрационите логори.

„Мириса на пандишпан“, изложбата која е поставена во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје е посветена на сефардската традиционална кујна на македонските Евреи од населувањето до денес, преку фотографии, предмети, разни видови храна, рецепти, прибор за јадење и готвење.

Авторката на изложбата, Жаклина Мучева и Горан Садикаријо, извршниот директор на Фондот на холокаустот, симболично и во спомен на сите гладни убиени души во логорите на смртта и концентрационите логори, ја отворија оваа изложба токму на Меѓународниот ден на борбата против гладта (16 октомври).

„Името на изложбата „Мириса на пандишпан“ е симболична влезница за приказната која раскажува дека Евреите кога се населиле на територијата на Османлиската империја со себе го зеле лебот од Шпанија. Преведено на ладино (ладино: варијанта на шпанскиот јазик што ја говорат сефардските Евреи), пане ди спања или модифицирано -пандишпан. Термин кој домаќинките од различни етнички заедници си го одомаќиле за тестото кое го користеле и го користат за разни колачи и торти. И уште нешто за пандишпанот – Нараснува во рерната не поради квасецот, туку поради добро изматените јајца во тестото“, рече Мучева во својот поздравен говор, говорејќи за лебот од Шпанија и потеклото на терминот кој има корен во сефардските јазични корени.

Оваа изложба покажува што јаделе Евреите во минатото, што јадат во денешно време и зошто.

На изложените паноа ќе научите за еврејските празници и ќе научите по еден традиционален рецепт за соодветниот празник.

Празникот Пасха или Песах е презентиран преку сервираната маса за седер вечерата.

На масата освен специфичната храна само за тој празник, изложени се и предметите за празничната трпеза (прибор за јадење, чаршафи, чаши за вино, мацес – бесквасен леб, Хагада – книга која се чита на седер вечерата).

Неизоставни елементи за  празникот Шабат се поставени на старо масиче кое го користеле нивните предци, но и зачуваните тетратки со сефардски рецепти, предмети од кујните и домаќинствата на семејствата од Еврејската заедница во Македонија се дел од големото богатство на оваа изложба.

И како шлаг на сѐ, тука е и најубавиот каталог што можете да си го понесете дома од една изложба. Станува збор за каталогот – водич низ сефардската кујна во кој освен информации за историјата, за населувањето и за кујната на Евреите, содржана е и приказната, но и одличен рецепт за пандишпанот (pain d’espagne), содржани се и основните постулати на законите за кошер, со објаснувања за тоа што е кошер храна, а што не е и зошто, сѐ за најголемите еврејски празници и детални рецепти по кои секој кој сака ќе може да ги направи, благодарение на сето она што сефардите го зачувале од заборавот.

Во него ќе ги прочитате и поговорките кои жените сефардки ги запишувале, повторувале и преку нив ги пренесуваат живописните јадења од кујната на оваа заедница.

„Сефардската кујна се карактеризира со бавно готвење, деликатно измесено пециво, техника на полнење храна и вешто мешање на зачини. Тоа се вообичаени практики кои ги трансформираат сезонските состојки во кулинарски ремек-дела. Додека се подготвуваше изложбата и додека се готвеше храната, многу пати ги споменувавме нашите тетка Жамила, тетка Сара, тетка Нета, дедо ми Бен, тетка Роза и другите кои оставија многукратен белег на Еврејската заедница во Македонија. Затоа ќе кажам – сефардската кујна не е само збирка рецепти, туку сведоштво за издржливоста на културниот идентитет преку храната. Рецептите за празничните јадења се наследство, предадено од родителите, бабите и дедовците, свекрвите, а секоја подготовка е доказ за културниот континуитет и кулинарски занает“, рече Мучева.

И конечно, сите оние кои беа на отварањето на изложбата, можеа да ја пробаат и храната која ја подготвиле вредните раце на дел од женската секција од Еврејската заедница, која добро ги научила вештините за подготвување сефардски рецепти. Разновидните и вкусни специјалитети беа подготвени од вештите раце на: Маја Наноу, Александра Суботиќ, Маја Јаневска Илиева, Менка Младеновска, Емилија Младеновска, Валентина Зафировска, Гордана Андоновска и Лилјана Мешковска.

Со исклучок на храната, сѐ друго што е дел од поставката на изложбата можете да дојдете и да го видите сѐ до 25 декември.

А ние завршуваме со дел од сефардските поговорки кои ни оставија најголем впечаток, но и со сефардскиот рецепт за пандишпан (можете да го најдете веднаш под поговорките):

Каде јадат двајца, јадат и тројца (Onde komen dos, komen i tres)

Сѐ во животот е работа. Дури и кога јадеш, мора да џвакаш ( koze in la vide ez lavoru, (afilu) ken komi tieni ki maskar

Лукот не станува бадем (El ajo no se puede fazer almendra)

Господ дава лешници на тој што нема заби (El Dio da alviyanas al ke no tyene dyentes)…

Рецепт за пандишпан:

Состојки:

6 големи јајца, 7 лажици шеќер, 8 лажици брашно, 3 лажици масло, сок и стругана кора од лимон.

Приготвување:

Прво се матат белките, а потоа се додава постепено шеќерот. Кога ќе бидат белките и шеќерот цврсто изматени, се додаваат жолчките.

Смесата се мати рачно, со лажица и се додаваат маслото, лимонот и брашното.

Се претура во тавче и се пече во загреана рерна на 200 степени. Додека се пече, по малку се намалува температурата додека не стигне до 150 степени. Тогаш пандишпанот се допекува кратко време додека не е готов.