Наместо да се занимаваме со измислени проблеми, да му најдеме чаре на отпадот и да го претвориме во богатство на иднината! Ако сакате да научите како да направите транзиција кон зелена и одржлива економија или пак сакате да го споделите своето знаење за ова, здружението АРНО повикува да се пријавите на Академијата за циркуларна економија, најдоцна до 3-ти ноември
Отпадот е еден од клучните проблеми на денешното општество, затоа клучните чинители и пошироката јавност треба да ја променат својата свест за важноста на однесувањето на секој поединец, организација и општество, со цел да се избегне и намали создавањето на отпад, во корист на негово одделно собирање и рециклирање.
Наместо да се занимаваме со измислени проблеми, да му најдеме чаре на отпадот.
Ако можат толку многу земји да го решат отпадот, ако Словенија може да стане најчистата европска држава, а Тајван од остров на ѓубрето, да стане пример за чистота, зошто да не можеме и ние?
Да, Тајван – некогаш наречен „остров на ѓубрето“, сега е познат по тоа што има една од највисоките стапки на рециклирање во светот (55 проценти).
Како? Такашто се погрижиле одлагањето на отпадот да влезе во свеста на јавноста.
Ако можат тие, зошто да не можеме и ние?
Можеби ни требаат системски одговори: можеби законодавците можат да поттикнат нови деловни модели како што се шемите за депонирање шишиња за да ги принудат производителите да ги преиспитаат капацитетите и логистиката за рециклирање на нивните производи.
Многу од овие дискусии се водат под модерната фраза „кружна или циркуларна економија“.
Еден британски старт-ап вели дека може да ја претвори мешаната пластика – која е познато дека е тешко да се рециклира – повторно назад, во нафтата од која потекнала.
Неодамна, еден трговски центар во Австралија тестирал канта за отпад управувана од вештачка интелигенција која чувствува што е ставено во неа и потоа соодветно го сортира.
Најсовремените капацитети за сортирање користат роботи, ласери, магнети и воздушни турбини и сепак, ништо од ова сè уште не може да се мери со обемот на работата што ја вршат работниците со ниски плати во Кина и на други места – но можеби затворањето на таа опција ќе се покаже како поттик за иновации што ѝ се потребни на индустријата.
Како да го претвориме отпадот во богатство на иднината?
Системот „Нула отпад“ во Европа и во светот е потврден модел на управување со отпадот, заснован на една заедничка мантра: РЕДУЦИРАЈ, РЕУПОТРЕБИ, РЕЦИКЛИРАЈ.
Употребата на вредни суровини и нивното одвоено собирање не е само прашање на усогласеност со законодавството на Европската унија, туку прашање на постигнување одржлив развој и зачувување на просторот во кој живееме, како и на целата планета Земја.
Здружението АРНО апелира до сите здруженија кои имаат идеја за бизнис кој прави добро за природата и заедниците преку повторна употреба на материјали, превенција на отпад или има други елементи од циркуларната економија, да аплицираат на повик за Академија за циркуларна економија најдоцна до 03.11.2024 преку пополнување на пријава на овој линк. Организациите кои ќе бидат избрани за учество имаат можност да добијат неповратни средства (до 8.000 евра), менторство, обуки и можност да се советуваат со експерти за изводливост/развивање на идејата.
„Ги охрабруваме колегите да се вклучат, свесни сме дека темата е широка и бара многу знаење, затоа се одлучивме на формат на академија. Но, свесни сме дека организациите треба да се охрабрат за економска активност, затоа што, поддршката што пристигнува во нашиот сектор се намалува. Од друга страна, благородно е да се занимаваме со циркуларна економија, да бидеме дел од транзицијата кон добра, зелена економија,“ изјави Марјан Ицоски, координатор на проектот
Покрај повикот за организации, од АРНО нагласуваат дека има тековен повик за експерти и соработници, на кој можат да се пријават сите со знаење од која било област на циркуларната економија.
„Си дадовме тешка задача, прво, да најдеме експерти од под-областите од циркуларна економија, затоа што не се исти, на пример, регулативите за повторна употреба на градежен материјал и храна, ниту пак лиценците за ракување со отпад и слично. Ние може да имаме супер бизнис идеи во теорија, а во пракса да се тешко изводливи поради регулатива, цена на чинење итн. И идејата е токму таа, да ги обединиме сите со знаење, со желба за учење и да дадеме поддршка на оние бизниси што имаат потенцијал. На стотици километри од нас, во Белград, има социјално претпријатие кое успешно интегрира лица со попреченост кои рециклираат пакувања од цигари и прават хартија која се продава,“ изјави Ирина Јаневска од АРНО.
Академијата е седуммесечна програма која се спроведува во рамките на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“, финансиран од Европската Унија преку Програмата за поддршка на организации на граѓанското општество и медиуми во Република Северна Македонија – ИПА Програма за граѓанско општество 2022-2023. Проектот го координира организацијата „Луѓе во потреба – ПИН“ од Чешка, во партнерство со македонските здруженија АРНО, Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) и Ековита.
Целта на проектот е да ја поддржи транзицијата кон зелена и одржлива економија преку ефикасно користење на ресурсите во Македонија, зајакнување на улогата, капацитетите и отпорноста на граѓанското општество и охрабрување на младите да се вклучат во циркуларната економија, едукацијата и намалување на отпадот.