Брза дегустација на унгарски вина: Пробување од нога и информации на голтка

147

Голема, но малку позната винска нација, Унгарија има лозја низ целата територија, во шест области и 22 региони… Ние се запознавме со унгарските вина неочекувано и неофицијално, во рамките на Винодонија. Патем и настрана од виното, нашата единствена забелешка за Винодонија е неосветленоста на гастро-катчето, кадешто луѓето за чипсот од лешници мислеа дека се чварки, а производителите мака мачеа да го најдат меѓу тегличките она што купувачите го бараат

Унгарија е традиционално винска земја исто како и Македонија. Благодарение на својата долга традиција, таа е дом и на бројни вински сорти, кои за жал, се уште се слабо познати кај нас, а единствените работи што му звучат познато на просечниот потрошувач на вино се токај и бикавер (бикова крв). Првото е глобално познато слатко вино од истоимената провинција на база на фурминт (унгарска винска сорта на грозје која е широко распространета во винскиот регион Токај-Хегаља), а второто е црвено вино од мешани сорти.
Унгарија е земја со долга винска традиција. Иако Римјаните се тие кои го вовеле производството на вино во овие региони, кога Унгарците пристигнале на овие простори во 9 век, своето винско знаење не го стекнале на оваа почва, туку го донеле со себе од исток.

Притоа, нивниот јазик, како единствен во регионот кој не е индоевропски, не користи никаков сличен термин за зборот вино, туку го користи изразот – бор.
Земјата има 22 вински региони, секој со различни терени, клима и сорти на грозје, така што е прилично јасно дека винската понуда е повеќе од богата.

Винарските визби одгледуваат меѓународни сорти, како што се шардоне и совињон бланк, но и автохтоно грозје, како што се фурминт и зенит.
Иако Унгарија веројатно не е првата дестинација на која помислувате кога ќе помислите на вина, ние уживавме во секое од оние што имавме можност да ги испробаме на малата, спонтана дегустација за време на вториот ден од скопскиот вински салон Винодонија 2024.

Додека со колешката Вања одевме да ги наполниме чашите со некое од нашите омилени вина, од Наумчев, Ерос, Сарика, Јостела, Монтеко, од Дане Хермес, Брзанов, или да пробаме некое сосема ново, како она од Виника, кое Дејан Донев го најави како изненадување на Винодонија, не запре Krizmanits József, вински едукатор и ко-основач на „Унгарскиот вински институт“.

Тој имаше и работилница во склоп на Винодонија која ние, од Арт кујна, ја пропуштивме, но добивме неочекувана можност, онака од нога, да бидеме дел од една кратка и екстремно брза дегустација, со објаснување и факти за секоја голтка вино што ја испивме.

Од она неговото, на чија етикета е свадбената фотографија на неговите родители и од кое постојат само уште 12 шишиња, до најслаткото вино кое наликува на порто, но со многу побогати и поиздиференцирани вкусови.

Господин Јозеф ненаметливо ни понуди да ги испробаме внимателно селектираните вина од скоро сите унгарски региони, со ветување дека догодина ќе го договори и присуството на неколку унгарски винарии со свој штанд на деветиот скопски вински салон – Винодонија 2025.

Како и да е, унгарските вина ја поттикнаа нашата љубопитност некогаш во иднина да ја истражиме и самите Будимпешта, која ја сметаат за прекрасна боемска престолнина на Унгарија и за една од највозбудливите нови дестинации за вински патувања во Европа.

Патем, единствената забелешка за овој настан, од Арт кујнао и од оние со кои имавме можност да зборуваме таму, е неосветленоста на гастро-катчето, кадешто луѓето за превкусниот чипс од лешници мислеа дека се чварки, а производителите мака мачеа да го најдат меѓу тегличките она што купувачите го бараат.

Вале од Туф, Роберт од Нутрико, Владо со неговите намази од јаткасти плодови и најнови и најневеројатни зимници со егзотични вкусови на лути пиперчиња и ананас, Перески со своето масло од лешници и оној нивни чипс од лешник (токму тој за кој многумина мислеа дека се чварки), како и сите други кои беа во гастро-понудата на Винодонија, се надеваат дека догодина ќе можат подобро да видат и секако, да бидат видени.