Василичари, боеми и хуманитарци: Во скопско Дебар Маало се прослави Василица со зурли и со тапани

99

Василичарите од скопската населба Дебар Маало го прославија празникот Василица на Боемска, со василичарски оган, традиционална храна, греани вино и ракија, зурли и тапани и хумана цел – да се соберат пари за децата со посебни потреби од „Доза среќа“

Хуманитарното здружение „Василичарите од Боемска“ веќе трета година по ред го празнува празникот Василица на улицата Боемска во Дебар Маало.

Изминатите години, почнувајќи од првата прослава во 2023-та годна, здружението ги донираше парите собрани за време на одбележувањето на празникот Василица за социјално загрозени семејства, а годинава, парите собрани од продадената храна и пијалаци, како и донациите, ќе им бидат донирани на децата со посебни потреби од здружението „Доза среќа“.

Здружението на граѓани со името „Василичари од Боемска“ е формирано како иницијатива на Драган Арсовски Јајчар, сопственик на националниот ресторан „Чардак“ на Боемска.

За да го оправдаат своето име и своите цели, а тоа е враќањето на традицијата и хуманоста во главниот град, тие го организираа својот прв настан како здружение токму на овој празник посветен на Свети Василиј Велики пред две години.

И годинава, како и во изминатите години, тука беше шеф Зоран Мајновски кој е еден од членовите на ова здружение на граѓани, како и неговиот колега и пријател шеф Никола Мишковски.

Инаку, Василица се празнува во чест на Свети Василиј, а во житието за овој светец е и објаснувањето зошто се прави лепче со паричка токму на Василица, а не на Бадник.

Имено, во времето кога свети Василиј Велики станал архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил алчен човек имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту пак го ограбил градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил малку накит и златници. На денот на Нова година, кога сите луѓе дошле во црква, тој секому му дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето било токму тоа што претходно го имал дадено, пишува во житието за Свети Василиј.

Традицијата поврзана со чудото што се случило се празнува меѓу православните христијани и ден денес, па оттаму и идејата на овие скопјани да ја вратат традицијата и хуманоста во срцето на градот.