Експертите предупредуваат: Tридневните детоксикации со сокови не се добра идеја

Фото: Pexels
73

Многу луѓе го гледаат чистењето на организмот со помош на сокови како здрав метод, но една студија сугерира поинаку.

Еден ден или неколку дена само со сокови од зеленчук и овошје е метод што многу луѓе го користат за детоксикација на своето тело, но новата студија на Универзитетот Нортвестерн покажува дека тоа не е многу добра идеја. Ако консумираме само сокови, дури и само три дена, може да предизвикаме промени во цревните и оралните бактерии кои се поврзани со воспаление и пад на когнитивните способности.

За студијата, која неодамна беше објавена во списанието Nutrients, научниците следеле три групи на возрасни. во едната група пиеле само сокови, другата конзумирале сокови и цели растителни намирници, а третата само цели растителни намирници. Научниците земале примероци од плунка, брисеви од внатрешната страна на образите и примероци од столицата од сите пред, за време и по спроведувањето на овие диети за да ги анализираат бактериските промени користејќи техники за секвенционирање на гени.

Нерамнотежа во микробиомот
Оние кои пиеле само сокови покажале најголем пораст на бактерии поврзани со воспаленија и пропустливост на цревата, додека групата која јадела цели растителни намирници доживеала поповолни микробни промени.

Групата што земала и сок и храна имала некои непожелни бактериски промени, но не толку тешки како групата со сокови. Наодите сугерираат дека пиењето цедени сокови може да го наруши микробиомот, а тоа потенцијално може да доведе до долгорочни здравствени последици.

Многу луѓе го доживуваат чистењето со сок како здрав метод, но студијата нуди различни резултати.

„Конзумирањето големи количини на сокови, кои се со малку влакна, може да доведе до нерамнотежа во микробиомот, што може да има негативни последици, како што се воспаление и полошо здравје на цревата“, вели коавторката на студијата, д-р. Мелинда Ринг.

Зошто влакната се важни?

Со цедењето на соковите се губи голем дел од влакната присутни во овошјето и зеленчукот, со што се лишуваат корисните бактерии кои произведуваат важни антиинфламаторни соединенија, како што е бутиратот (сол на маслена киселина која е извор на енергија за клетките кои го градат ѕидот на дебелото црево).

За разлика од добрите бактерии кои се хранат со растителни влакна, изобилството на сокови може да им овозможи на штетните бактерии кои го сакаат шеќерот полесно да се размножуваат, со што се нарушува микробиомот на цревата и усната шуплина. Студијата исто така сугерира дека намалениот внес на влакна може да влијае на метаболизмот, имунитетот, па дури и на менталното здравје.

Брза реакција во устата

За разлика од цревниот микробиом, кој останува релативно стабилен, оралниот микробиом покажува драматични промени веќе за време на диетата со сокови. Научниците откриле намалување на бројот на корисни бактерии и зголемување на популацијата на бактерии од групи поврзани со воспаление.

„Ова покажува колку брзо изборот на исхраната може да влијае на популацијата на бактерии поврзани со здравјето, а оралниот микробиом може да биде брз барометар за влијанието на исхраната“, рекла д-р Ринг.

Експертите истакнуваат дека се потребни дополнителни истражувања за влијанието на диетите со сокови и другите диети врз микробиомот. Ова е особено важно за децата, кои често пијат сокови како замена за овошје.

„Нутритивниот состав на соковите, особено нивото на јаглени хидрати, игра клучна улога во обликувањето на микробната динамика во цревата и усната шуплина и треба внимателно да се разгледа“, вели првиот автор на студијата, професорката по микробиологија на храна Марија Луиза Саво Сардаро. Студијата исто така нагласува колку е важно да се даде приоритет на влакната во насоките за исхрана и производството на храна, а научниците препорачуваат дека ако апсолутно не можете без сокови, секогаш да ги комбинирате со целосна храна за да ги балансирате ефектите врз микробиомот.