Не можете да се излечите со она што ве разболело

Фото: Unsplash
207

Оваа ајурведска мудрост важи генерално, за холистичкиот пристап кон здравјето. Во Ајурведата тоа значи дека мора да се отстрани причината за болеста. „Залудни ви се сите суплементи на овој свет, ако не го смените начинот на исхрана и воопшто, животниот стил“, вели скопјанецот Горан Поповски, инаку, обучен ајурведски терапевт

Оваа едноставна вистина има длабоки корени во ајурведската филозофија и воопшто, во холистичкиот пристап кон здравјето. Во Ајурведата ова значи дека мора да се отстрани причината за болеста. Значи, залудни ви се сите суплементи на овој свет, ако не го смените начинот на исхрана и воопшто, животниот стил.
„Ако болеста е предизвикана од неправилна исхрана (на пример, премногу тешка, мрсна или премногу лута храна), прекумерен стрес, недоволно движење или прекумерна пасивност, тогаш, ако продолжувате со истите навики, за да дојдете до здравје нема да ви помогнат никакви лекови. Мора да се смени животниот стил, а не само да се земаат лекови или суплементи“, вели нашиот соговорник Горан Поповски, кој за ајурведски терапевт се обучувал во ајурведските центри во Индија, а потоа и низ повеќе европски центри.
Според него и секако, според Ајурведата, болеста често настанува поради дисбаланс на дошите – Вата, Пита и Кафа. (Ако сакате сами да ја пресметате вашата доша – типот на вашето тело според Ајурведа, можете да го направите тоа со помош на овој ТЕСТ)
„На пример: ако Пита е зголемена поради лутина, алкохол, премногу лута храна – тогаш лекувањето ќе бара ладeње и смирување, не продолжување со истото што ја зголемува“, вели тој.
Ако сето ова сè уште ви звучи премногу туѓо и егзотично, можеби треба да објасниме дека Ајурведата е најстариот жив систем на природна медицина, непрекината медицинска традиција која трае повеќе од 5.000 години. За првпат се споменува во древните ведски текстови, кои се најраните списи на човечката цивилизација.
Таа е сеопфатен систем за здравствена заштита што сè уште се користи ширум светот денес, а во Индија, сè уште има предност пред алопатската медицина и се изучува во државните училишта и универзитети. Името Ајурведа на санскрит (древен јазик од кој потекнуваат сите индоевропски јазици) значи „наука за животот“.
Во 1977 година, Светската здравствена организација официјално ја призна Ајурведата и препорача нејзина примена и популаризација.
Денес, Ајурведата се инкорпорира во современиот живот и се применува како за откривање и дијагностицирање на различни болести, така и за нивно лекување. Ајурведата се изучува на државните универзитети во Индија, а центри за ајурведа постојат низ Европа, САД, Азија и Африка.
„Во Ајурведата не станува збор само за физичкото. Ако некој се разболел поради стрес, негативни мисли, гнев или тага, тогаш нема да оздрави ако остане во истата емоционална состојба. Потребно е и ментално исцелување – преку медитација, дишење, благодарност и позитивна промена на фокусот. Исто така, ако некој има проблеми со црниот дроб поради премногу пржена храна, алкохол, ноќен живот и доцно легнување, тогаш чаеви и додатоци на исхраната нема да помогнат ако не се променат токму тие навики“, објаснува Поповски.
Основната цел на ајурведските третмани, вели нашиот соговорник, е да се прочисти телото од неразградената и неискористена храна, наречена ‘ама’, односно, отровите кои се акумулираат во телото и предизвикуваат болести. Овој прочистувачки процес во ајурведата се нарекува ‘панчакарма’ и се користи за намалување на симптомите, зајакнување на имунолошкиот систем и враќање на хармонијата и рамнотежата во телото.

„Ајурведата нè учи дека здравјето е резултат на рамнотежа на телото, умот и духот. Во овој контекст, ама – токсините кои произлегуваат од ослабениот дигестивен систем (агни) – е главната причина за болеста. Ама не е само физичка, таа е и ментална и емотивна, а се манифестира со тромост, негативни мисли и емоционална нестабилност. Со текот на времето, ама ја блокира виталната енергија (прана), отворајќи ја вратата за хронични состојби.

Панчакарма, длабокото чистење на телото, е клучен метод за отстранување на ама. Но, тоа не е само физичко чистење, тоа е исцелително патување кон рамнотежа и обновување“, објаснува Поповски.
Вели дека во зависност од проблемот што ве измачува можете да одбирате помеѓу неколку видови на ајурведски тремани кои се спроведуваат и во нивниот центар.
„За разлика од другите медицини, ајурведата може да биде и превентива, а не само начин на лекување на заболувањата што значи дека таа може да се применува постојано. Исто како и кај возрасните, ајурведските третмани се одлични и помагаат за одржување на здравјето и кај децата“, вели Поповски.
Според него, ајурведските третмани се практикуваат за да може да се балансираат сите неправилности и дисбаланси кои се јавуваат во човечкото тело.

И за крај, на оние кои сакаат да почнат со превенција, како еднa од најпознатите ајурведски билни мешавини им препорачува да го испробаат ајурведскиот мармалад – Chyawanprash, што во превод значи еликсир на животот.

„Chyawanprash е древна ајурведска билна мешавина која широко се користи во Индија како средство за подмладување, енергија и зајакнување на имунитетот. Таа дава енергија и го елиминира хроничниот замор. Овој ајурведски здравствен препарат е составен од 46 природни состојки кои ја поддржуваат природната одбрана на телото, го одржуваат имунитетот и имаат корисен ефект врз функционирањето на мозочните клетки. Chyawanprash има корисен ефект врз работата на срцето и црниот дроб. Обезбедува хранливи материи и минерали важни за раст на косата, сјај на кожата и јачина на коските и забите. Ја одржува виталноста на телото, а погоден е и за деца. Главната придобивка за човечкото тело е обновувањето на исцрпените резерви на животна сила (ојас-оџас), како и зачувување на силата, издржливоста и виталноста во текот на процесот на стареење. Во зависност од квалитетот и начинот на живот, можеме да го зајакнеме или ослабиме ојасот, а зависи и од работите што ги внесуваме во нашето тело“, порачува Поповски.