Секој залак што го внесуваме во нашето тело може да биде чекор кон подобро здравје – или тивка закана за нашите животи. Најновото истражување предупредува дека ултра-преработената храна, која го сочинува најголемиот дел од она што го јадеме денес, значително го зголемува ризикот од прерана смрт.
Ултра-преработената храна често се наоѓа во нашето мени, со што се зголемува ризикот од предвремена смрт – покажува нова анализа од голем обем спроведена на повеќе од 240.000 луѓе.
„Забележавме зголемен ризик од предвремена смрт кај луѓе на возраст меѓу 30 и 69 години кои консумирале поголеми количини на ултра-преработена храна“, рекол коавторот на студијата, професор Карлос Аугусто Монтеиро од Универзитетот во Сао Паоло во Бразил.
Резултатите покажале дека за секои 10 проценти зголемување на внесот на калории од ултра-преработена храна, ризикот од предвремена смрт се зголемува за речиси 3 проценти. Монтеиро го вовел терминот „ултра-преработена храна“ во 2009 година, заедно со системот NOVA кој ги класифицира прехранбените производи според степенот на обработка.
Што се класифицира како ултра-преработена храна?
Според оваа класификација:
Група 1 вклучува непреработена или минимално преработена храна како што се овошје, зеленчук, месо, млеко и јајца.
Група 2 се кулинарски состојки како што се сол, билки и масла.
Група 3 вклучува преработени производи настанати со комбинација од првите две групи, како што се конзервиран зеленчук или замрзнати мешавини.
Група 4 се состои од ултра-преработена храна – производи со малку или воопшто целовита храна, направени од хемиски изменети, евтини состојки и синтетички адитиви што ги прават вкусни, привлечни и честопати предизвикуваат зависност.
Монтеиро предупредува дека нема причина да се верува дека човечкото тело може целосно да се прилагоди на ваквите производи. Напротив, телото може да ги препознае како бескорисни или штетни, што може да доведе до оштетување на разни органи во телото.
Критики на индустријата и предупредувања од експерти
Прехранбената индустрија, предвидливо, ги брани ултра-преработените производи. Сара Гало од Здружението на производители на храна тврди дека „демонизацијата“ на овие производи може да го ограничи пристапот до „прифатлива и практична храна“ и да предизвика други здравствени проблеми.
Сепак, ултра-преработената храна не е тешко да се препознае: тоа се крофните, готовите оброци, грицките, индустриски преработените житарки за појадок, замрзнатите оброци, шеќерни и диетални пијалаци.
Иако се чини дека една порција дневно не може да направи многу штета, истражувањата го покажуваат спротивното:
Ризикот од смрт од срцеви заболувања и ментални нарушувања може да се зголеми за дури 50%.
Ризикот од анксиозност се зголемува за 53%, дебелина за 55%, нарушувања на спиењето за 41%, дијабетес тип 2 за 40%, додека ризикот од депресија и прерана смрт се зголемува за околу 20%.
Додавањето само 10% ултра-преработена храна дневно може да го зголеми ризикот од когнитивен пад, мозочен удар, па дури и одредени видови на рак на горниот дигестивен систем.
Шокантни податоци: Колку навистина нè чини животот?
Неодамна објавена студија во списанието American Journal of Preventive Medicine проценува дека со елиминирањето на ултра-преработената храна во осум земји би можело да се спречат помеѓу 4% и 14% од предвремените смртни случаи, во зависност од нивото на потрошувачка.
Соединетите Американски Држави се светски лидер – речиси 55% од калориите во американската исхрана доаѓаат од ултра-преработена храна. Според проценките, доколку исхраната со овие намирници се сведеше на нула, повеќе од 124.000 смртни случаи можеа да бидат избегнати во САД само во 2017 година.
Во земји како Колумбија и Бразил, каде што потрошувачката е помала (15%–17%), елиминирањето на ваквите производи би можело да спаси илјадници животи годишно.
Важно е и она што студиите не можат да го кажат
Треба да се биде внимателен: експертите истакнуваат дека ваквите анализи не можат со сигурност да докажат дека ултра-преработената храна директно предизвикува смрт. Можно е дека поврзаните фактори како што се помала физичка активност или послаб квалитет на исхраната да се вистинските виновници. Сепак, кога слични врски се повторуваат во различни култури и земји, тешко е да се игнорираат сериозните предупредувања.
Каков и да е вашиот став на оваа тема, не треба да заборавите – секој залак ултра-преработена храна е залак за кој вреди сериозно да се размисли.