Филм што се пие: Марко Поцали го претвори во вино класикот „Пред дождот“ на Манчевски

26

„Филмот го гледав во 1994 година и од тој момент никогаш не ме напушти. Неговата структура и пораката дека времето не чека и не умира, станаа дел од мојот начин на размислување“, вели Поцали. Од самиот почеток, пред 17 години, идејата била секое вино да се создава во соработка со конкретен производител и на место со силен идентитет, а овојпат, за првпат, новото вино „Пред дождот“, директно го вклучува Манчевски како коавтор на концептот…

Веќе 17 години во Италија се создава приказната за виното „Пред дождот“ инспирирано од македонскиот и светски филмски класик на Милчо Манчевски, кое годинава го доби и петтото издание. Зад ова вино стои Марко Поцали, италијански новинар, вински писател и селектор за француски дистрибутер на вина во Италија, кој вели дека тоа не е само пијалак, туку патување, филмска мисла преточена во течност, сведоштво за времето што минува, а никогаш не исчезнува.

Поцали (53) е автор на три романи и има долга кариера во културни и уметнички комуникации. Но, една тема го следи со децении: култниот филм „Пред дождот“ на Манчевски. Од моментот кога филмот се појави во 1994 година и освои Златен лав на фестивалот во Венеција, неговата убавина, кружната структура и мислата дека „времето никогаш не чека и никогаш не умира“ стануваат интимен дел од животот на Поцали.

„Филмот го гледав во 1994 година и од тој момент никогаш не ме напушти. Неговата структура и пораката дека времето не чека и не умира, станаа дел од мојот начин на размислување.“, вели Поцали.

По победата во Венеција, „Пред дождот“ во Италија беше филм на годината и со години е дел од програмата за филмско образование во школите, играше во над 50 земји, ја освои првата македонска номинација за Оскар во 1995, и ја постави тогаш младата држава Македонија на светската мапа.

Проектот на Поцали не започнува како комерцијален бренд, туку како низа ограничени, авторски вина создадени во различни европски региони, секогаш со иста концептуална основа: времето, неговото минување и неговата непредвидливост.

Името не е случајно

Името на виното „Пред дождот“ не е случајно – директно се поврзува со винарскиот циклус.

„Пред дождот обично е токму време на берба. Ако дождот падне предвреме, ризикуваш да го изгубиш плодот. Тој момент на одлука ми се чинеше совршена метафора за времето и животот. Таа симболика станува основа на една подолга авантура: создавање вина во различни краишта, со различни луѓе, секогаш како приказна за времето“, објаснува Поцали.

Од самиот почеток, идејата била секое вино да се создава во соработка со конкретен производител и на место со силен идентитет, а не како сериско производство.

 „Секогаш ме интересираше виното како приказна, не како производ. Сакав секое вино да зборува за времето во кое е создадено“, додава Поцали.

Првите вина: Етна, Карст, Тоскана и шампањ за една ноќ

Првото вино „Пред дождот“ е произведено во 2009 година на Сицилија, на падините на Етна, во соработка со Салво Фоти, една од клучните фигури на италијанското винарство. Потоа, следува вино од словенечкиот Карст, создадено со винарот Васја Котар.

„Карстот е сурово, но исклучително место. Васја беше силна, неконвенционална личност. Тоа уште еднаш ме потсети дека виното секогаш е поврзано со луѓето што стојат зад него.“, вели Поцали.

Третото вино е создадено во Тоскана, со Роберто Чипресо, еден од најпознатите светски винари, како купажа од централноиталијански сорти со аглијанико и сира. За овие вина, етикетите ги дизајнира уметницата Даниела Беати. Четвртиот проект е шампањско произведено во Франчакорта за приватен настан.

„Тоа вино постоеше една вечер и една ноќ. Се испија 400 шишиња. Ми се допадна идејата дека и виното може да има ограничен животен век, како и одредени моменти во нашите животи“, вели Поцали.

Повторно поврзување со Манчевски по 10 години

По неколку години пауза, проектот повторно оживеа во септември 2025. Поцали повторно го гледал филмот „Пред дождот“, по период на здравствени проблеми. Истовремено, на социјалните мрежи забележува објава од Манчевски поврзана со неговото прво вино.

„Ми се чинеше невозможно тоа да е случајност. Му напишав веднаш и му предложив овој пат да направиме нешто заедно, практично, не само инспиративно“, вели Поцали.

Таа соработка доведе до ново вино „Пред дождот“, кое за првпат директно го вклучува Манчевски како коавтор на концептот.

41-та паралела и изборот на виното

Новото вино е замислено како дел од концептот „Јажето на 41-та паралела“, географска и симболична линија што поврзува различни култури и простори.

„Не сакав линија што разделува, туку линија што поврзува.  Патување од јапонскиот остров Хоншу, преку Кина, Узбекистан, Каспиското Море, Ерменија, Турција, Истанбул и Босфорот, Грција, за да застане во Скопје – родниот град на Манчевски – и да продолжи до Неапол, на падините на Везув. Таму, во црната земја од лава и пепел, древните корени на лозата дишат со морето и се претвораат во вино. Потоа, симболично, линијата продолжува до Порто и Њујорк – мост меѓу древното и современото.  Сето тоа постои во исто време“, објаснува Поцали.

Виното е произведено на падините на Везув, во близина на Неапол, од 100% аглијанико. Лозјата Пергола Везувијана се наоѓаат на 250 до 300 метри надморска височина и се одгледуваат органски, на вулканска почва.

„Аглијанико е древна сорта, донесена од Грците. Тоа ми беше важно – да има историска длабочина и јасна врска меѓу земјата, времето и културата.“, вели Поцали.

Секоја етикета е визуелен расказ со фотографија од Манчевски

Секоја берба на виното „Пред дождот“ ќе има различна етикета, со фотографија на Милчо Манчевски и краток текст. За првата заедничка берба е избрана фотографијата „Гинко“ од 2011, која Манчевски ја објаснува вака: „Ливче фатено во вода, водата фатена во метален квадрат, квадратот фатен во наполу обоен бетон. Суштината на природата опстојува, како во чаша вино“.

„Сакав неговото око да биде дел од виното. Милчо раскажува приказни со слики, а јас сакав виното да има визуелен расказ.“, објаснува Поцали.

Времето во една чаша вино

Виното „Пред дождот“ е завршено, но ќе отстои уште неколку месеци во шише. Поцали вели дека нема амбиција за масовна дистрибуција.

„Ова не е вино за пазар. Ова е вино за споделување – со пријатели, со луѓе што разбираат што значи времето во една чаша вино“, вели тој.

Проектот „Пред дождот“ останува отворен за идни берби, но секогаш со ист принцип: ограничено производство, јасен авторски печат и силна врска меѓу виното, времето и местото на неговото создавање. Во духот на мотото на филмот: „Времето никогаш не умира, кругот не е тркалезен.“