Она што не е докажано е најпопуларното тврдење – дека рицинусовото масло ја забрзува појавата на нова коса. Може косата и веѓите да изгледаат погусти затоа што се нахранети, навлажнети и измазнети, но тоа не е исто што и стимулирање на нов раст. За вистинско лекување на опаѓањето на косата постојат терапии со многу подобра научна поткрепа.
Рицинусовото масло последниве години стана вистински хит во негата на кожата и косата, особено на социјалните мрежи каде му се припишуваат речиси чудотворни својства. Но дерматолозите велат дека треба да се направи разлика меѓу ефектите што навистина може да ги има и тврдењата за кои сè уште нема доволно научни докази.
Од што всушност се добива рицинусовото масло? Се произведува од семето на растението Ricinus communis, познато како рицинус. Семето содржи голема количина масло богато со рицинолеинска киселина, која е главната компонента одговорна за неговите својства. Интересно е што самото семе содржи и рицин – природен токсичен протеин, но при правилната обработка тој не останува во произведеното рицинусово масло. Затоа не треба да се мешаат семките од рицинус со маслото што се користи во козметички и фармацевтски производи.
Една од најголемите предности на маслото е неговото дејство врз сува кожа. Содржи рицинолеинска киселина, масна киселина која има антиинфламаторни и антимикробни својства и може да помогне кожата да ја задржи влагата. Затоа рицинусовото масло се користи и во бројни козметички производи, каде што може да ја направи кожата помека и поеластична.
Но, тоа не значи дека е идеално за секого. Кај чувствителна кожа може да предизвика иритација или контактен дерматитис, а бидејќи е густо масло и може да ги затвора порите, луѓето со мрсна кожа и склоност кон митесери треба да бидат внимателни. Кај егзема и други кожни состојби, исто така, може дополнително да ја иритира кожата.
Кога станува збор за косата, рицинусовото масло може да ја измазни сувата и непослушна коса, да ѝ даде сјај и да помогне во намалувањето на сувоста и кршењето. Може да биде корисно и за сува кожа на скалпот, а дерматолозите го споменуваат и како можна помош кај првутот поради антиинфламаторното дејство на рицинолеинската киселина.
Она што не е докажано е најпопуларното тврдење – дека рицинусовото масло ја забрзува појавата на нова коса. Може косата и веѓите да изгледаат погусти затоа што се нахранети, навлажнети и измазнети, но тоа не е исто што и стимулирање на нов раст. За вистинско лекување на опаѓањето на косата постојат терапии со многу подобра научна поткрепа.
Може да се користи и за суви и испукани кутикули, бидејќи масните киселини помагаат да се задржи влагата во кожата. Сепак, со количината не треба да се претерува – особено на косата, каде што премногу масло може да остави тежок и мрсен изглед.
Постои и една важна разлика меѓу надворешната употреба и пиењето рицинусово масло.
Рицинусовото масло порано често се користело и орално, како силен лаксатив против запек. Денес оваа употреба е многу поретка, бидејќи може да предизвика силни грчеви, дијареја и нарушување на течностите и електролитите. Исто така, не треба да се внесува на своја рака за „детоксикација“ или за други здравствени цели. Особено бремените жени треба да избегнуваат орална употреба бидејќи може да предизвика контракции.
Ако пак по неговото нанесување се појават чешање, црвенило или осип, треба да се прекине со употребата. Ретко, прекумерното нанесување на косата може да доведе и до сериозно заплеткување и слепување на влакната.