Ако е лукот здрав, младиот лук е уште поздрав

Фото: Freepik
842

Штета е што на младиот лук најчесто се сеќаваме само за Велигден кога задолжително го ставаме на маса како вкусна декорација. Но треба да се знае дека тој значително го намалува ризикот од срцеви заболувања, дијабетес, па дури и рак

Овој пролетен зеленчук има да понуди многу повеќе отколку малку боја на вашата салата или сендвич. Содржи многу малку калории, но изобилува со хранливи материи кои носат бројни здравствени придобивки, од зајакнување на имунитетот до намалување на масните клетки.

Не се зборува или пишува многу за младиот лук. На него се сеќаваме главно напролет бидејќи е речиси заштитен знак на велигденската трпеза, заедно со варените јајца, зелената салата и јагнешкото.

Но, младиот лук е многу повеќе од тоа. За почеток, на јадењата им дава посебен вкус на умами, без разлика дали ќе го додадете во супи, сосови, во кајгана или пире од компири. Освен тоа, тој е еден од најевтините видови зеленчук, иако е супернамирница во однос на нивниот нутритивен состав и здравствени придобивки. Ако се потсетиме на цените на некои други супернамирници, како што се боровинките, акаи бобинките и слично, јасно е дека младиот лук е супернамирница достапна за секого.

Се прашувате што го прави младиот лук супернамирница? Па, би можеле да го опишеме како лук на стероиди: лукот сам по себе има неверојатни здравствени придобивки, а пролетниот млад лук го има истото, но во многу поголема концентрација! Кога ќе ги слушнете сите здравствени придобивки од овој скромен пролетен зеленчук, ќе сфатите дека не добива ни приближно толку внимание колку што заслужува.

Толку моќен

Младиот лук (Allium ursinum L.) е едногодишно растение од фамилијата Allium, во кое спаѓаат и лукот, црвениот кромид, празот и власецот. Како и повеќето зеленчуци и овошја, главно се состои од вода. Една шолја млад лук има само 32 калории, масти само во трагови и нула холестерол. Исто така, има помалку шеќер и јаглехидрати од зеленчуците како што се моркови, компири или пченка. Сепак, млад лук е богат со биоактивни материи кои помагаат во контролата и лекувањето на голем број болести и нарушувања, а традиционално се користел за лекување на главоболки, настинки, стомачни и срцеви заболувања. Богат е и со флавоноиди, сулфурни материи и антиоксиданти кои позитивно влијаат на здравјето. Младиот лук е одличен извор на витамин Ц, витамини од групата Б, како што се витамините Б1 (тиамин), Б2 (рибофлавин) и Б3 (ниацин). Содржи двојно повеќе од препорачаната дневна количина на витамин К во само една шолја, а исто така е извор и на други витамини и минерали, како што се калциум и калиум.

Против дебелината и за подобра контрола на дијабетесот

Лукот е особено пожелна храна за оние кои се обидуваат да ослабат. Витаминот Б1, кој го содржи во значителна количина, спречува зголемување на телесната тежина и таложење маснотии. А истражувањата покажаа дека содржи и ферулинска киселина и кверцетин, супстанции кои исто така го спречуваат таложењето на маснотии во организмот, па со редовно консумирање на млад лук маснотиите се користат во поголема мера како извор на енергија, а помалку се таложат. Освен тоа, лукот го намалува чувството на глад благодарение на големото количество влакна кои обезбедуваат долготрајно чувство на ситост и го одржуваат нивото на холестерол на нормални вредности, а има и незначителен број калории.

За дијабетичарите ќе биде корисно да се знае дека овој зеленчук помага да се контролира болеста. Имено, антиоксидантите што ги содржи го одложуваат варењето на јаглехидратите и ја забавуваат апсорпцијата на гликозата во крвотокот, што го спречува наглото зголемување на нивото на шеќер во крвта после оброк. Секако, постојат и бројни фитонутриенти, вклучувајќи ги и антиоксидантите кои ги штитат клетките од оштетување предизвикано од слободните радикали – супстанции кои можат да доведат до развој на рак, воспаленија и болести поврзани со возраста.

Само имајте на ум дека антиоксидантите ја губат својата ефикасност кога се варат, па затоа најдобро е да јадете млад лук свеж.

Пријател на имунитетот, срцето и коските и непријател на ракот

Младиот лук е богат со витамин К, кој игра клучна улога во згрутчувањето на крвта, но е важен и затоа што го спречува стврднувањето на крвните садови спречувајќи формирање на наслаги на калциум на ѕидовите на жилите. Покрај тоа, тој е и вистински концентрат на витамин Ц, кој докажано помага во зајакнување на имунитетот и спречување на инфекции. Покрај тоа, истражувањето објавено во списанието Food Chemistry открило специфична супстанца во младиот лук што го зголемува производството на антитела за борба против грипот. Истражувањата исто така покажаа дека екстрактот од младиот лук може значително да намали неколку фактори на ризик за развој на срцеви заболувања, како што се нивото на вкупниот холестерол, триглицеридите и LDL холестеролот, а со тоа го намалува ризикот од развој на срцеви заболувања. Лукот е добар и за здравјето на коските, повторно благодарение на витаминот К, кој го зголемува производството на протеини потребни за зголемување на густината на коските. Конечно, можеби најимпресивната придобивка од младиот лук е тоа што содржи супстанции, вклучително и алицин, кои можат да го спречат развојот на одредени видови тумори, првенствено рак на дебелото црево, простатата и желудникот. Овие супстанции го намалуваат воспалението и ги спречуваат клетките на ракот да се шират на други делови од телото.

Внимателно

Поради високата содржина на витамин К, кој има спротивен ефект од лековите против згрутчување, луѓето кои земаат такви лекови треба да се консултираат со лекар за да проверат дали и во колкаво количество консумирањето на млад лук е безбедно за нив.