Не паничете ако при отворање на праската забележите бели точки или бела наслага околу семката – станува збор за природна појава која е сосема безопасна.
Уживате во сочна зрела праска? Не дозволувајте белузлавата материја околу семката (исто така позната како ткиво од праска) да ве спречи во тоа, пишува порталот Taste of home.
Летото е одлично време за свежи плодови. Сега е сезона на сè, од цреши и сливи до праски, сè на дофат на раката. Без разлика дали купувате овошје од пазар, одите во овоштарник за сами да ги наберете или купувате половина килограм од продавница, тие се идеални за печење овошни колачи, но и кога ги јадеме самостојно, како освежителна летна ужина.
Праските, секако, се меѓу најпопуларните летни плодови. Но дали некогаш сте ја пресекле праската и сте забележале бели точки или бела материја на семката? Иако на прв поглед може да изгледа чудно или дури загрижувачки, добрата вест е дека нема причина за грижа.
Што е белата материја на семката од праската?
Никому не му е пријатно кога ќе пронајде нешто необично во овошјето што сака да го изеде. Но во овој случај станува збор за таканаречено калусно ткиво (peach callus tissue), природна појава која се создава во самата праска.
Оваа бела наслага може да се појави директно на семката, но понекогаш се забележува и во шуплината што останува откако ќе ја отстраните семката.
Калусното ткиво се состои од таканаречени недиференцирани клетки – клетки кои сѐ уште не се развиле целосно. Тоа е нормален дел од развојот на плодот и релативно често се среќава кај праските.
Дали е безбедно за јадење?
Да. Иако можеби не изгледа привлечно, калусното ткиво е сосема безбедно за консумирање.
Тоа не е паразит, бактерија, мувла, инсект или јајца од инсекти, ниту пак е знак дека плодот е расипан. Станува збор за природно растително ткиво кое не претставува никаква опасност по здравјето.
Затоа, следниот пат кога ќе забележите бела материја на семката од праска, нема потреба да ја фрлате. Доколку овошјето е свежо, мириса нормално и нема знаци на расипување, можете без грижа да уживате во него.