Бесценето другарство, од Градски ѕид и „Ленин“ па до крај на светот: Деко плива во светот на џет-сетот, Боза го носи светот тука

1.650

Дејан Стојиљковски (Деко) живее во Франција, работи со богати и славни како Анџелина Џоли и Бред Пит, а Димитар Бозаџиев (Боза) живее во Скопје и увезува странски вина и деликатеси како фоа гра и врвно Иберико месо. Другари се речиси половина век. Како деца спарувале храна и јогурт, сега спаруваат храна со најдобрите вина

Димитар Бозаџиев и Дејан Стојиљковски се другари од забавиште. Двајцата пораснале во Градски ѕид, учеле заедно најпрвин во „Ленин“, а потоа и во „Орце Николов“. Во војска не биле заедно ама одржувале контакт, а потоа, Димитар се запишал на студии во Скопје, а Дејан во Германија.

Никогаш не го прекинале контактот, напротив, иако Дејан живеел прво во Германија, а потоа во Франција, каде што е и ден денес, а Димитар во Скопје, велат дека имале поинтензивен контакт отколку што имаат меѓусебе оние што останале тука.

Заедно ја запалиле првата цигара, заедно учеле, а си правеле и јадење, јајца во разни варијанти, едниот со вегета, другиот без и секогаш уживале во храната, иако во тоа време наместо со вино, ја спарувале со јогурт.

Во 1988 година Дејан отишол во Германија на студии. Неговиот татко бил дипломат и во тоа време бил конзул во Дизелдорф. Имале семеен договор, едниот син да студира дома, односно, во тогашна СФРЈ, а другиот во странство, но потоа да се врати и тој дома. Во меѓувреме се случи распадот на Југославија, па Дејан сепак не се вратил туку останал во Германија кадешто се запознал со неговата сега веќе поранешна сопруга со која решиле да се преселат во Франција. Формирале семејство и добиле две сега веќе возрасни деца.

Дејан живее во Франција од 1999 година. Прво почнал да работи во ресторан во еден од пореномираните хотели на Азурен брег. Со неговиот пријател кој бил и директор на ресторанот, набргу отвориле клуб-ресторан во Ница кој сѐ уште постои, но Дејан вели дека тоа не било негов сон па набргу се повлекол од таа работа.

Потоа имал неколку успешни компании, а денес неговата „Ривиерам“ е основна алатка за луксузен туризам на Азурниот брег. Станува збор за компанија за услужни дејности во која луѓето кои доаѓаат на Азурен брег можат да ги добијат сите потребни информации, совети, транспорт од секаков тип, но и сѐ друго што ги интересира или им е потребно таму. Има одлично реноме и работи само со мал круг на луѓе, а тоа се најчесто познати личности.

„Знаењето на повеќе јазици, меѓу кои, освен нашиот и српско-хрватскиот, се францускиот, англискиот, германскиот и италијанскиот се еден од адутите за мојот успех во оваа работа, а морам да признаам и дека онаа скопска школа ме има исшлифувано за да можам да се снајдам и да работам во една ваква средина како оваа, во Монако“, раскажува накусо за својот животен пат Дејан кој е премногу скромен за да зборува поопширно за својата работа и за своите клиенти, најчесто, познати личности и политичари кои од уста на уста го шират добриот глас за нашиот дискретен и шармантен пријател.

„На Анџелина Џоли ѝ беше интересно да разговара со некој од Балканот“

Дејан не сака да го открива идентитетот на повеќето клиенти, но ни раскажува за неговото искуство од работата со холивудските ѕвезди Анџелина Џоли и нејзиниот тогашен сопруг Бред Пит.

„Во 2007 година кога Анџелина Џоли и Бред Пит беа во Ница, јас му бев десна рака на нивниот шеф на протокол. Анџелина ги роди нивните близнаци во Санта Марија, породилното крило на болницата Ленвал во Ница, чија изградба беше нејзина донација. Во тој период Џоли го снимаше филмот „Мед и млеко“, па ѝ беше особено интересно да зборува со некој од Балканот. Не ја интересираше тоа од која вероисповед сум, туку како го перцепирам соживотот. Беше исклучително позитивна и многу пријатна како човек“, раскажува Дејан.

Никогаш не се сликал со своите клиенти токму поради тоа што, како што вели, во овој бизнис мора да има апсолутна дискреција.

„Кога доаѓаат филмските ѕвезди, на пример, на филмски фестивал во Кан, а сите папараци сакаа да ги начекаат некаде за да ги сликаат, тогаш нивните луѓе од обезбедувањето ми се јавуваат мене, како познавач на теренот да резервирам три ресторани за да не се знае во кој од нив ќе одат. Кога има голема концентрација на луѓе, безбедноста е најважен момент во организацијата“, објаснува Дејан зборувајќи за дел од својата работа во тој дел од светот кој многу од нас го знаат само од филмовите.

За другарството и за виното

За сите овие години, вели Дејан, се навикнал на животот таму, стекнал и пријатели, но она што му недостасува е искрената дружба со луѓето во Македонија, како и неговиот другар Димитар со кој и покрај далечината, другаруваат речиси 50 години.

„И таму си имам свој круг на луѓе и веќе живеам подолго во странство отколку што сум живеел во Македонија, но ми фали блискоста со луѓето со кој сум пораснал и сум живеел во првите 18 години од животот, периодот кога сум се изградил како личност и кој ми бил патоказ за понатаму“, вели тој и објаснува дека иако е тој таму, а Боза (тоа е прекарот на Димитар) тука, низ годините си помагале колку што можеле и се надополнувале меѓусебе.

Според него, Димитар, кој од секогаш бил гурман и се определил токму за таа бранша во која работи и денес, а е поврзана со виното и кулинарството, е одличен познавач на светската гастрономија.

„Татко ми беше голем гурман и кај нас секогаш се готвела убава храна. Дедо ми по мајка правеше вино и јас уште од дете се интересирав за овој процес. Одев на гроздобер во Градско и Кавадарци и сета таа приказна околу виното многу ме интересираше, а со време ми премина во пасија. Воден од љубовта кон виното уште во раните 2000-ти во Лондон завршив курс за сомелиери, а и самиот почнав да правам вино на нашиот семеен имот во Лисиче. Благодарение на познанството со луѓето од Бовин имав достап до одлично грозје од нивните насади. Виното беше многу успешно но после некоја година, поради професионални обврски, веќе немав доволно време за да му се посветам и да продолжам да го правам со ист квалитет, па престанав“, раскажува Димитар.

Низ годините, работејќи за некои од странските мисии во Македонија, им го покажувал на странците најдоброто од Македонија, од македонската култура, гастрономија и винарство, ангажирајќи се во делот на логистиката и протоколот.

„Создадов бројни пријателства и контакти и многу од нив ме советуваа да отворам приватна компанија, па кога конечно го направив тоа, почнав да се занимавам прво со увоз на вино, а потоа и на некои деликатесни производи кои инаку кај нас ги нема. До ден денес се бавам со тоа и увезувам околу 65 етикети на вина од Италија, Франција, Шпанија и Португалија и од промотор на македонските вина пред странците со кои работев низ годините, сега сум увозник на странски вина во Македонија. Секако, тоа не треба да се сфати како напад на македонското вино, туку како придонес кон подигнување на македонската винска култура, но и генерално, за подобрување на познавањето на вината од светот што е неопходно за да може и успешно да се извезува“, ни го објаснува Димитар своето размислување.

Последните шест години тој е и потпретседател на здружението на Вински Витези. Во 2018 здружението било домаќин на меѓународен конгрес на вински братства од цел свет и токму благодарение на Димитар 120 гости од светот посетиле голем број македонски винарии и ресторани во текот на нивниот 7-дневен престој.

Тоа е една од работите во која двајцата стари другари си помогнале, па Димитар го повикал Дејан како лингвист да работи на симултан превод на повеќе јазици.

За гурманлукот, деликатесите и другарската скопска шема

Инаку, деликатесите кои ги увезува Димитар не се секогаш профитни проекти, но се дел од неговата мисија за подигање на ено и гастро-културата во Македонија. Последен проект, вели, му е увоз на врвно Иберико месо директно од Шпанија.

А кога еден ваков гурман како Димитар ќе ви каже дека е нешто добро, верувајте му на збор. Тој не само што е гурман, туку е добар и во кујна. Една од работите кои ги приготвува особено добро е шпанската паеља. Го обожава и јагнешкото месо, но и сите видови на печурки кои растат кај нас, од смрчка, вргањ, лисичарки, како и македонскиот црн тартуф.

Дејан пак е сведок дека кога се храната и виното на дневен ред, на неговиот другар му нема рамен.

„Кога доаѓам во Македонија, секогаш ме демне некое кебапче плус и друга храна на која е тешко да ѝ се одолее и сигурен сум дека ако останев да живеам во Македонија, ќе имав 20 килограми повеќе, затоа што не би можел да им одолеам на некои работи, а особено не можам да одолеам кога Димитар настојува дека нешто е толку добро што едноставно мора да се проба“, се смее Дејан, а Димитар признава: „Кога доаѓа Деко (тоа е прекарот на Дејан) во Македонија, успевам да го вратам во скопската шема. Седнуваме секаде кадешто сум намислил да го однесам, од мали домаќински кафанчиња каде што јадеме шкембе чорба, до подобри ресторани со најдобри риби и бифтеци. Тврд орев е бидејки во Франција се стекнал со други прехрамбени навики, но некако стално успевам да го убедам“, се смешка со видливо задоволство Димитар додека ни раскажува.

Вели дека шест-седум пати досега и тој му бил гостин на Дејан.

„Сум имал можност да се запознаам со разни производители на вина токму благодарение на Дејан па со некои од нив соработувам и ден денес. Тој ме однесе и во Сан Ремо, дестинација која јас самиот веројатно не би ја одбрал за посета бидејќи го знаев само по музичкиот фестивал кој се одржуваше таму, но не знаев дека е и град на цвеќето, дека има одличен маслинов зејтин и убави ресторани“, раскажува Димитар. Двајцата другари велат дека со развојот на социјалните мрежи нивните контакти се уште почести па сега и ако не се слушнат, некогаш знаат да си испратат по некоја фотографија од некое интересно место кадешто се наоѓаат во моментот. Иако муабетите со нив немаат крај, ги оставивме да си продолжат со нивните обврски и да уживаат во заедничките моменти во градот кој и на двајцата не само што им е подеднакво важен, туку и покрај сите негови маани и промени, исто така и најмил од сите.