Болоњезе сос за вегетаријанци

Фото: Pexels
114

Кога некој ќе спомне Болоњезе, сите знаат за што станува збор. Но што ако некој станал вегетаријанец или пак не сака да користи мелено месо?

Во последно време сè почесто многу луѓе избегнуваат болоњезе затоа што не знаат какво месо има во него и дали има нешто додадено што не би требало да го има или пак затоа што воопшто и не јадат месо.

Најдовме одличен рецепт за нова верзија на ова добро познато јадење: лажно болоњезе, кое наместо месо има леќа.

Останатото ви е познато: моркови, целер, кромид, лук, пелати и фини медитерански зачини.

Се разбира, со пармезан.

И не се плашете дека ваквото Болоњезе нема да ве засити како она со месото.

Патем, еве неколку интересни факти за веројатно најпознатиот сос за тестенини: иако се нарекува Болоњезе, тој всушност не потекнува од Болоња во Италија, како што често се мисли, туку од провинцијата Имола, која е во близина на Болоња.

Освен тоа, во Италија не се ни вика болоњезе, туку рагу, и иако обично го јадеме со шпагети, Италијанците најчесто го служат болоњезе со таљатели.

Но можете да го послужите со која било тестенина по ваш избор, дури и со ориз, кускус или слично, или пак со овој сос, на пример, да наполните тиквички или модри патлиџани и да ги испечете во рерна.

Состојки за две лица:

мал кромид (или половина голем кромид)
3 супени лажици маслиново масло
2 чешниња лук
2 моркови
корен од целер
половина од црвена пиперка
1 чаша леќа (користете чаша од 150 мл)
коцка за супа
150 мл вода, плус вода за готвење леќа
1 конзерва излупени домати
босилек, магдонос (количина по желба)
Пармезан за сервирање

Приготвување:

Сварете ја леќата во вода.
Кромидот ситно се сечка и се пржи во маслиново масло.
Додадете ја црвената пиперка исечкана на ситни коцки и динстајте уште малку.
Кога пиперката малку ќе омекне, додадете ги ренданиот морков и целерот, измешајте сè и додадете издробен или ситно исечкан лук.
По неколку минути додадете ја сварената леќа, промешајте и потоа додадете ги излупените домати и варете.
Додадете сол и бибер по желба.
Ако е премногу густ поради леќата, разредете го со 150 мл врела вода и варете уште малку додека не ја добиете саканата густина.
На крајот зачинете со босилек и магдонос. Сосот послужете го со шпагети или други тестенини по избор и поросете со пармезан.