Босилек – кралска билка за телото и душата: Благотворно делува на срцето, при депресија, стрес…
Босилекот е една од најкористените билки во светот. Може да се користи за готвење, како зачин, како чај, а поради благотворното дејство на телото и кожата, познат е и по употребата во разни суплементи.
Босилекот потекнува од Индија и првпат се појавил во Европа во текот на 12 век. Многу народи и религии, како што се хиндуистите и православните христијани, му припишуваат божествени својства на босилекот – вообичаено е верувањето дека босилекот кој се наоѓа во водата за крштевање го штити лицето што се крштева од настинка, без оглед на надворешната температура.
Босилекот се споменува во записите од древниот Египет. Самиот збор потекнува од грчкиот збор базиликон што значи кралски. Кај Римјаните босилекот бил поврзан со лојалност и љубов, а во Индија бил симбол на добредојде.
Босилек како зачин
Босилекот се користи во готвењето, пред се како зачин кој освен што дава пријатен мирис на јадењата, помага при варење на тешката храна и ја штити од расипување. Се користи свеж или како сушен зачин. Сувиот босилек има појак вкус и се препорачува за чорби, т.е. јадења од грав и грашок, се препорачува и како зачин за јадења приготвени со компири, пченка, карфиол и модар патлиџан, а медитеранците го користат во двете варијанти, односно, сув и свеж, при подготовка на тестенини и салати.
Лековити својства
Во босилекот може да се најдат следните витамини: витамин А, витамин К, витамин Ц и витамин Б6; а од минералите содржи магнезиум, манган, калиум и железо.
Инаку, витаминот К учествува во процесот на синтеза на протеини кои се од големо значење за коагулацијата (згрутчување) на крвта и за сопирање на крвавењето. Недостатокот на витамин К може да предизвика зголемена појава на модринки или крвавење.
Исто така, витаминот К соработува со витаминот Д и заедно го пренесуваат калциумот до коските. Ниското ниво на витаминот К може до доведе до зголемен ризик од скршеници.
Спречува калцификација на артериите и крвните садови, а со тоа се намалува ризикот од појава на тромбоза и се намалуваат причините за појава на мозочен или срцев удар.
Босилекот е богат и со витамин А, бетакаротен, моќен антиоксидант кој ги штити клетките што ги обвиваат бројните органи, вклучувајќи ги и крвните садови, од оштетувањето предизвикано од слободните радикали. Тоа го спречува холестеролот во крвта да оксидира, што понатаму спречува атеросклероза, срцев и мозочен удар.
Босилекот има и антибактериски својства и содржи флавоноиди кои ја штитат ДНК.
Може да биде многу ефикасен за разни заболувања, а ефикасен е за намалување на телесната температура; за лекување на разни воспаленија; за смирување на кашлицата, ефикасен е за смирување на симптомите на настинка; за астма и бронхитис; благотворно делува на срцето; на депресија и стрес; ја подобрува функцијата на бубрезите; делува на инфекции на устата; го одржува здравјето на очите и забите; го подобрува апетитот; ги смирува мачнините и нагонот за повраќање.
Босилекот во народната медицина
Босилекот уште од многу одамна се користи во народната медицина, пред се за луѓе кои имаат проблеми со депресија, но и за луѓе кои имаат проблеми со варењето (го поттикнува апетитот, помага при разни воспаленија на органите за варење).
За босилекот да има некакви лековити својства, мора да се бере во одредено време, поточно во текот на летото, двапати непосредно пред цветањето, бидејќи тогаш неговите етерични масла се најконцентрирани. Притоа, потребно е растението да се исече над земјата или да се соберат само листовите. Целиот исечен босилек се суши на добро проветрено место, подалеку од директни извори на светлина, а ако се само листовите, тогаш се сушат на хартија поставена над дрвена решетка. Откако ќе се исуши босилекот, понатаму се става во стаклен сад или во хартија и се чува на суво место, исто така без директни извори на светлина.
Зошто е добар чајот од босилек?
Чајот од босилек е лесен за подготовка, богат со витамини и минерали, а се карактеризира со карактеристична арома и вкус.
Тој е добар поради изразеното седативно дејство, ја смирува напнатоста, а делува и противвоспалително (ги опушта мускулите, спречува разни инфекции), а ефикасен е и против вирусни инфекции и настинки.
Благодарение на неговите антиинфламаторни својства, чајот од босилек е добар за употреба при настинки, кашлица и болки во грлото. За болки во грлото, најдобро е да се гаргара млак чај.
Чај од босилек – подготовка
Постојат неколку начини за подготовка на чај од босилек. Основниот начин е исушените листови босилек да се прелеат со врела вода и да се остават 10 минути, по што се цеди чајот. Се засладува по вкус. Вака подготвен, може дури и да се пие секојдневно, но по една недела би било добра идеја да се направи пауза од две недели.
Можете исто така да направите чај од босилек и од листовите, цветовите или сушените листови во прав. Билката може да се користи и за правење свежо сварен чај со додавање на 2-3 лажички босилек во шолја врела вода и оставање да отстои 5-6 минути.
Чај од босилек против кашлица
Чајот од босилек се покажал како многу ефикасен за кашлица, грип, настинка, па дури и за астма и бронхитис. Начинот на подготовка на чајот од босилек за кашлица е истиот како што веќе спомнавме, единствено важно е да се пие додека е уште топол, а во чајот од босилек за кашлица можете да додадете и други лековити состојки како лимон, ѓумбир, црн пипер, па дури и мед. Пијте го секојдневно.
Можете исто така да измешате мед со свежи листови од босилек и да ја земате оваа смеса два пати на ден за да добиете максимална корист за лекување кашлица. Без разлика која е причината за вашата сува кашлица, чајот од босилек може да помогне.