Малезиски Кинез од Лондон, кој завршил медицина и три години работел како лекар во Шкотска, денес готви во македонскиот ресторан „Дома“ во Лондон. Деновиве имаше велосипедска тура низ Србија, Бугарија и Македонија, а наскоро планира да се пресели во Норвешка и повторно да работи како доктор
Кога човек ќе помисли на доктор од Лондон кој дошол на одмор во Скопје, веројатно не очекува дека тој ист доктор во британската престолнина работи како готвач во македонска меана, а до Скопје дошол правејќи велосипедска тура по неколку балкански земји за да се запознае одблизу со традицијата, храната и културата, поттикнат токму од својата работодавачка со македонски корени. Џејмс Ваи Џиан Вонг е Малезиски Кинез кој е роден и живее во Лондон, завршил медицина и три години работел како доктор во Шкотска, но денес професионално е во сосема поинаква средина – кујната. Во „Дома“, македонската меана на Спасиа Динковски, жена со македонски корени која со својот „Мистик Бурек“ стана вистинска ѕвезда на гастрономската сцена во Лондон, тој се запознал со балканската, а особено со македонската храна, а љубопитноста го донела и лично да ја истражи Македонија.
Џејмс во разговорот за „Арт кујна“ раскажува дека живеел во близина на „Дома“ и преку Инстаграм ја следел нивната работа. Прво дошол со пријатели од Белгија да јадат, му се допаднала храната, а кога видел дека има оглас за работа, се пријавил. Така, наместо во болница, сега помага во една поинаква професија – како готвач. Во ресторанот веќе научил да подготвува и некои македонски јадења, меѓу нив, шопска салата и таратур, а останатите главно само ги финишира откако Спасиа ќе ги направи потребните подготовки.
Токму храната е еден од главните мотиви поради кои сакал да дојде на Балканот. Во Македонија пробал бурек со месо, спанаќ и сирење и е воодушевен од вкусот, а особено од цената која според лондонските стандарди е живо џабе. Во старата скопска чаршија пробал и баклава и тулумби, кои исто така му оставиле силен впечаток. Го посетил и Бит-пазар, каде што јадел ќебапи, шaрска плескавица, а пробал и телешка супа. Иако се острел да проба симит-погача за која многу слушал од Спасиа и кукурек, не успеал да најде па се задоволил со одлично подготвено селско месо. Вели дека храната во Македонија ги надминала неговите очекувања и му се допаѓаат сите оние различни вкусови, зачини, свеж зеленчук и овошје, иако преферира готвени јадења за да го почувствува духот на традицијата. Му се допаѓа и македонското вино и е изненаден од бројот на винарии за кои слушнал, иако, за жал, успеал да посети само една.
Љубовта кон македонската кујна, сепак, не му е единствениот мотив за патувањето. Џејмс сака да ја запознае земјата подлабоко, бидејќи, како што вели, не множете да кажете да кажете дека сте ја запознале земјата ако сте биле само во главниот град. Затоа, пред да стигне во Скопје, поминал низ Србија и Бугарија. Од Лондон летал до Белград, а потоа со велосипед поминал околу 1.000 километри низ Србија, Бугарија и Македонија. Во Македонија влегол преку Куманово, а патувањето го однело и до манастирот „Свети Прохор Пчињски“. Сакал да стигне и до Лесновскиот манастир, но сфатил дека како човек кој не го познава теренот и јазикот тоа не е толку едноставно.
За ориентација главно користи Google Maps, особено затоа што не го зборува јазикот и не секогаш може да се потпре на комуникација преку вибер. Вели дека понекогаш токму Google Maps му предлага места што потоа ги посетува, бидејќи апликацијата со текот на времето го препознава неговиот интерес. Бил и на Матка, а покрај храната го интересираат архитектурата, историјата и секојдневната култура на местата низ кои минува.
За чудо, велосипед, со кој сега патува нассекаде, научил да вози пред само седум години, на свои 25, а првото посериозно велосипедско патување го направил пред пет години во Шкотска, каде што тогаш живеел. Но, неговата професионална приказна е уште понеобична од патувањето. По шест години медицинско образование, тој работел три години како доктор во Шкотска, но кога се вратил во Лондон, постепено почнал да се разочарува од условите во британскиот здравствен систем. Според неговото искуство, докторите можат да заработуваат околу 25 до 30 евра на час, но во Лондон има премногу лекари, па најчесто работата во струката може да значи испраќање далеку од Лондон, на пример во Брајтон, при што сам си ги плаќаш трошоците за превоз. Тој зборува и за 13-часовни смени, околу 3.000 евра годишно за осигурување и за лекарска лиценца и услови во кои, според неговото искуство, нема платено боледување или годишен одмор. Кога ќе се пресметаат сите трошоци и времето поминато на работа, вели дека реалната заработка изгледа многу поинаку.
Медицинското образование, според него, му донело и голем финансиски товар. Зборува за долгови од околу 120.000 до 150.000 евра и за години вложени во образованието, во текот на кои работел и три работи истовремено за да може да студира. По медицината се запишал на кулинарско училиште и почнал да работи во ресторани за да стекне искуство. Не планирал првично да стане готвач, но условите во британскиот здравствен систем го натерале да побара поинаков пат.
Се разбира, сака повторно да ѝ се врати на медицината, па следната голема цел му е Норвешка, каде што планира да се пресели. Вели дека таму гледа можност за подобри услови за работа. Може да скија, не му пречат снегот и студеното време, а му одговара и тоа што, како што вели, има снег, но нема многу дожд. И летните температури му изгледаат идеални, па може да продолжи и со велосипедизмот, но и со својата прва љубов-медицината.
Како за наша утеха, неговата приказна е доказ не се исселуваат млади луѓе само од Македонија во потрага по подобар живот. Дури и во Лондон, тешко стекнатата лекарска диплома може да остане на полица чекајќи некои подобри времиња, додека ти во меѓувреме печеш ќебапи на скара, рендаш сирење врз шопска или сечкаш лукче на ситно за да го додадеш во таратур.
Во меѓувреме, веќе деновиве Џејмс се враќа на своето работно место во „Дома“, учи норвешки, а во Скопје храната веќе ја нарачува на македонски. Македонија ја запознава на начин што за него е особено важен: не само преку Скопје и туристичките места, туку преку луѓето, улиците, чаршијата и, пред сè, храната. И секако, планира да се врати и да ги види и Охрид кој овојпат го пропушти.