Чоколаден ролат без шеќер, јајца, млечни производи и брашно

Фото: Pexels
2.155

Сладок компир, урми, мелени лешници, какао, кокосово масло, од убаво, поубаво. Ролат без печење, без јајца, брашно и шеќер

Слаткиот компир е одличен за десерти бидејќи со него нема потреба од додавање шеќер. Уште ако ви кажеме дека во овој ролат има и урми, јасно ви е дека ќе добиете здрав, вкусен и доволно сладок десерт.

Состојки:

1 сладок компир
10-15 свежи урми
шолја и пол мелени лешници
половина шолја кокос
малку стевиа или мед по желба
малку кокосово масло
3-4 лажици какао во прав

Приготвување:

Излупете го слаткиот компир и изгмечете го. Почекајте да се излади. Урмите потопете ги во вода неколку часа, а потоа исчистете ги и излупете ги доколку имаат тврда лушпа. Состојките за првата кора измешајте ги во блендер. Урми, какао, шолја лешници, малку кокосово масло. Добиената смеса ставете ја врз хартија за печење, одозгора ставете уште една хартија за печење и со помош на сукало расукајте ја кората.

Подгответе ја втората кора така што во блендер ќе ги измешате слаткиот компир, преостанатата количина мелени лешници, кокосот, малку стевиа или мед и кокосовото масло. Втората кора расукајте ја што потенко помеѓу хартијата за печење на ист начин како и првата.

Двете кори заедно со хартијата ставете ги кратко во фрижидер. По 20 минути извадете ги од фрижидер. Одделете ја првата чоколадна кора од хартијата, но оставете ја хартијата која е под кората. Потоа ја одвојуваме втората кора од хартијата и ја ставаме врз првата кора. Со помош на хартијата на која лежи првата кора, внимателно завиткајте ги двете кори во ролат. Ставете го во фрижидер да се стегне.