Црниот лук е одлична алтернатива за луѓе кои не поднесуваат силeн мирис

48

Црниот лук е помалку ароматичен, има сладок вкус и помека текстура во споредба со сировиот лук

Црниот лук е производ кој поминал низ процес кој се вика Мајарова реакција, кога наједноставно кажано, лукот добива кафеаво-црна боја.

Како што старее, лукот ја менува не само бојата, туку и текстурата, вкусот и мирисот.

Црниот лук е помалку ароматичен, има сладок вкус и помека текстура во споредба со сировиот лук. Во вака приготвениот лук има помалку алицин кој му дава карактеристичен мирис на лукот, а повеќе феноли и органосулфур.

Придобивките од црниот лук

Се верува дека црниот лук има многу здравствени придобивки, но потребни се подетални истражувања за да се потврди тоа.

Лукот содржи повеќе од 20 полифенолни соединенија, тој е силен извор на антиоксиданти, кои ги има повеќе во црниот лук во споредба со обичниот необработен лук.

Антиоксидантите го спречуваат дејството на слободните радикали кои можат да предизвикаат оштетување на клетките. Исхраната со многу антиоксиданти е поврзана со долговечност и помал ризик од развој на болести.

Некои студии посочуваат дека суплементите со лук можат да го намалат нивото на „лошиот холестерол“ – липопротеини со ниска густина (ЛДЛ) и да го регулираат крвниот притисок.

Ги зајакнува срцето и циркулацијата

Во една студија, пациентите со конгестивна срцева слабост земале 20 грама концентрат од црн лук во додатоци во текот на шест месеци. После половина година овие пациенти ја зајакнале циркулацијата, биле во подобра форма, на пример, можеле подолго да одат.

Друга мала студија покажала дека кај пациенти со високи нивоа на холестерол, кои земале 12 грама црн лук на ден во текот на три месеци, имало одредени подобрувања во функцијата на ендотелот (слојот на клетки што ја обложуваат внатрешноста на крвните садови), со тоа што не се забележани промени во вредностите на холестеролот.

Дејство на стомакот

Црниот лук содржи големи количини на меланоидини, кои ги разградуваат хранливите материи во дигестивниот тракт и се неопходни за правилно функционирање на цревата и апсорпција на хранливите материи. Се смета дека е полесен за поднесување од обичниот лук и не е „тежок на стомакот“.

Ја подобрува меморијата

Се верува дека црниот лук, поради неговите антиоксидантни својства, добро влијае на мозокот, придонесувајќи за намалување на оксидативниот стрес кој предизвикува воспалителни процеси. Некои експерти истакнуваат дека може да ја подобри меморијата и да ја намали количината на церебрален плак.

Сепак, сите претходни истражувања за ефектот на црниот лук биле правени врз мозокот на животни. Потребни се повеќе истражувања за да се потврди влијанието врз човечката популација.

Ги смирува алергиите

Се верува дека црниот лук ги смирува симптомите на алергија, штити од дијабетес, го зајакнува црниот дроб, па дури и штити од развој на малигни заболувања.

Научниците истакнуваат дека и свежиот лук и црниот лук се корисни намирници.

Свежиот лук е богат со алицин, природно соединение кое содржи сулфур и му дава остар мирис и лут вкус. Се верува дека алицинот го зајакнува здравјето на срцето и имунолошкиот систем, штити од рак.

За луѓе кои не можат да го поднесат мирисот на лук

Црниот лук, од друга страна, има помали количини на алицин, но повеќе соединенија како органосулфур, п-кумарна киселина, кофеинска и галска киселина.

За луѓето кои го избегнуваат или не можат да го поднесат мирисот на лук, црниот лук е одлична алтернатива. И двете намирници имаат слични нутритивни вредности, при што црниот лук има малку повеќе калории и јаглехидрати.
Може да се купи, но ако одлучите да се обидете да го направите дома, ќе ви треба апарат за варење ориз и многу време.

Во тенџерето се ставаат неколку главици свеж и добар лук, кој не се лупи, се подесува апаратот и сето тоа трае од една недела или подолго, во зависност од количината на влага во лукот. Се користи како и класичниот лук.