Да го спасиме пивото! Климатските промени ѝ се закануваат на пивската индустрија

Фото: Pexels
75

На пивската индустрија ѝ се заканува колапс бидејќи хмељот кој е клучната состојка во овој популарен пијалак е сè потешко да се одгледува поради климатските промени

Климатските промени ќе му наштетат на приносот и квалитетот на хмељот во главните европски региони за одгледување на хмељ, предупредуваат експертите. Поради ова, на пивската индустрија ѝ се заканува колапс.

Количината на собраниот хмељ и содржината на алфа-киселини, клучни за горчливиот вкус на пивото, во просек ќе бидат значително помали од претходно, предупредува меѓународниот тим што го спроведе истражувањето, објавено во списанието Nature Communications.

Експертите ја анализирале ситуацијата во пет главни области на одгледување, вклучувајќи три во јужна Германија и по една во Чешка и Словенија.

Во периодот од 2021 до 2050 година, според нивните пресметки, количината на алфа киселини треба да се намали за една третина по хектар обработена површина во однос на периодот од 1989 до 2018 година.

Во најважното европско култивирачко подрачје Халертау би требало да се намали за речиси 40 проценти.

Веќе е забележан значителен пад во изминатите жетви, истакнува истражувачкиот тим предводен од Мартин Мозни од Чешката академија на науките во Брно, припишувајќи им го трендот, пред сѐ, на зголемените температури и помалите врнежи.

Германските експерти оспоруваат некои заклучоци од студијата, но се согласуваат дека количината на алфа киселините е променета.

„(Заклучокот) е во согласност со нашето лично искуство“,вели Ерих Лемер од Здружението на германски одгледувачи на хмељ.

Директорот на најголемиот светски трговец со хмељ Барт-Хаас Томас Рајзер, цврсто верува дека новите сорти и методи на одгледување ќе ја заштитат конкурентноста на одгледувањето хмељ на југот на Германија.

„Во моментов работиме на изнаоѓање решение бидејќи не можеме да чекаме индустријата да пропадне“, вели научникот Мирослав Трнка.

Бидејќи климатските промени го отежнуваат одгледувањето на родот во Европа, дојде до експлозија во побарувачката на хмељ во пиварниците кои се прилагодуваат на промената на палетите. Во последниве години, бумот во индустријата за занаетчиско пиво значеше зголемена побарувачка за висококвалитетен хмељ за да се направат IPA и хмељски лагери.

„Занаетчиските производители на пиво ја сакаат силната арома на хмељ во нивните ИПА, но областите каде што се одгледува се во сѐ потешка позиција поради климатските промени. Внесувањето промени ќе даде резултати, но клучно е да се намали нивото на глобалното затоплување“, заклучил производителот на пиво Чак Скајпек.