Да си го зачуваме селото и вкусовите на детството!

220

Пчелите и пчеларството ми дадоа идеја да ги поттикнам луѓето да научат нешто од нив и да се обидам да ја подигнам свеста за да си ја зачуваме животната средина. Така ја иницирав и идејата за создавање на здружението „Еко Пчиња“ чија цел е да си го зачуваме селото, но и да придонесеме тоа да стане поатрактивна дестинација за домашните и странските туристи“, вели нашиот соговорник Стојан Стојковски.


Како што минуваат годините, а храната која се произведува во рамките на прехранбената индустрија сè повеќе го губи вкусот на вистинска храна, така кај луѓето расте апетитот и желбата за вкусовите кои ги паметат од детството.
Како резултат на ова се нижат и настани на кои на посетителите им се нудат свежи и преработени производи од нашите стари сорти, како и вкусови на домашно произведена храна кои сите нас кои сме имале среќа да ја пробаме, не враќаат назад во детството.
Еден таков настан е и оној во кумановското село Пчиња најавен за 20 октомври (недела) од 11 до 15 часот.
Станува збор за настанот насловен како Саем на автохтони сорти – Везенка.

За пчеларството и за Пчиња

За настанот, за селото и за здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Пчиња“ кое е организатор на истиот, зборувавме со Стојан Стојковски, млад човек од кумановското село Пчиња кој откако одреден период живеел во Скопје и во Куманово, во 2015 година решил да се врати во родното село.
„По професија сум ДДД техничар (Дезинфекција, Дезинсекција, Дератизација), но од 2015 година се занимавам и со пчеларство. Од секогаш сум сакал да се вратам во селото Пчиња од каде што ми е потеклото и желбата ми се исполни пред неколку години кога почна и мојата приказна со „Еко Пчиња“.

Всушност, сè започна откако почнав одблизу да се запознавам со пчелите и откако увидов колкава улога имаат тие во нашата животна средина. Тоа ми даде идеја да ги поттикнам луѓето да делуваат исто како пчелите, да ја подигнам свеста кај народот за да си ја зачуваме нашата животна средина. Така ја иницирав и идејата за создавање на здружението чија цел е да си го зачуваме селото, но и да придонесеме тоа да стане поатрактивна дестинација за домашните и странските туристи“, вели нашиот соговорник.
Во здружението освен Стојан се уште четворица негови соселани, Стефан, Иван, Александар и Сашо.
„Александар и Сашо се занимаваат со земјоделие, Стефан се занимава со онлајн продажба, додека Иван штотуку ни замина во странство. Најактивни во ова здружение сме јас и Стефан, додека другите повеќе се занимаваат со селските активности, но она што не спојува е нашата љубов кон селото“, вели тој.

Саем на автохтони сорти „Везенка“

За настанот кој го организираат за првпат добиле поддршка од локалните жители со нивното производство на домашни сорти со кои ќе излезат на саемот, како и од здруженијата „Да шириме љубов“ и Рурал Ума Сто кои им помогнале за организацијата.
„Очекуваме овој настан да премине во традиција, а нашата цел е да ги заштитиме и промовираме старите локални семиња и сорти, кои полека ја губат битката од напливот на хибридните“, вели Стојан.
На настанот ќе можат да се дегустираат месни производи од локалната месара, како и свежи локални растителни и животински производи. Љубителите на медот ќе уживаат во локалниот сладок органски мед, а ќе може да најдете и вино, ракија, домашни сокови, домашна зимница, сушена везенка, вкусни готвени јадења и тестенини. За време на Саемот, волонтерите од здружението „Да шириме љубов“, ќе се погрижат за најмалите посетители со организирано детско катче.
Настанот ќе се одржи пред инфо центарот во село Пчиња со почеток во 11:00 часот.
Стојан вели дека тој и неговите соселани најмногу се гордеат со своето производство на домати и пиперки, но и со спортскиот дух.
„Сите сме страствени кога станува збор за фудбал, а најпознати сме по одгледување на разни земојделски култури, компостирање, по нашите зелени шуми и бислимската клисура (Бислимска Клисура се наоѓа по течението на реката Пчиња и до неа може да се пристапи од повеќе места, но најчесто почетна точка за планинарите и алпинистите е токму селото Пчиња, од каде што води јасно обележана патека по течението на реката). Денеска селото брои околу 650 жители и иако производството е доста намалено за разлика од претходните години, се уште има жители кои одгледуваат земјоделски насади, од кои најбројни се доматите и пиперките, иако има и такви кои се занимаваат и со сточарство“, вели со гордост Стојан кому не му паѓа напамет да го напушти селото.
Според него, токму одржувањето на вакви настани е добар почеток да се дигне свеста кај луѓето дека има многу природи богатства во нашите села и помали места кои вреди да се зачувуваат.