Дали јајцата се бојат на Велики четврток, петок или сабота? Како да ги избелите пред боењето?

Фото: Unsplash
284

Секоја година се поставува истото прашање – дали е правилно да се бојадисуваат јајца на Велики четврток или на Велики петок? И, наместо да се нервирате затоа што никаде нема бели јајца, еве идеја како да ги избелите

Јајцата се бојат, во зависност од регионот, од Велики четврток до Велика сабота, но најчесто, кај нас, првите три јајца се вапцувале на Велики четврток пред изгрејсонце.
Првото вапцано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце и за него се верува дека има магична моќ.

Сепак, и со вапцувањето јајца, како и со сите други нешта што се прават, секогаш е најважна добрата мисла.

Но факт е дека порано, јајцата се боеле рано наутро на Велики четврток, а домаќинката која ги фарбала, најчесто мајката или бабата, ги будела најблиските и со првото јајце им поминувала по лицата со зборовите: црвено, бело, дебело!

Меѓутоа, новото време донесе нови практики, па сега најчесто домаќинките ги бојадисуваат јајцата во сабота.

Исто така, деновиве веќе наголемо се купуваат јајца и сите се во потрага по јајца со бели лушпи бидејќи, секоја боја најдобро изгледа токму на овие јајца.

Но, токму такви јајца и најтешко се наоѓаат. Затоа, без нервози, ако не успеавте да најдете такви јајца, избелете ги сами.

Ако ја избелите лушпата сигурно е дека бојата подобро ќе се „фати“ и ќе изгледа поубаво, без разлика дали користите природни или вештачки бои.

Еве како можете да го направите тоа:

Јајца, оцет, вода, мала цедалка, сунѓер (зелениот дел, но не многу остар), боја за јајца и масло за премачкување на јајцата.

Првиот чекор е да ги оставите јајцата на собна температура од вечер. Истата приказна важи и за оцетот и за тенџерето во кое ќе ги варите јајцата, сè треба да биде на собна температура.

Потоа измијте ги јајцата под млака вода (не ладна, не топла). Ставете ги во големо тенџере, да не се едно врз друго. Прелијте ги со млака вода, но измерете колку вода ставате за да знаете коклку оцет да ставите. Истурете еднаква количина оцет во водата. На пример, за 20 јајца е потребен литар вода и литар оцет. Вклучете го шпоретот на средна температура и оставете ја водата да зоврие.
Откако водата ќе зоврие, намалете ја температурата на најтивко, до толку што водата врие, но сосема малку, за да се видат само слаби меурчиња на површината. Водата ќе се пени и тоа, со кафеава пена. Отстранете ја пената со цедалка.

Варете ги јајцата околу 10-15 минути. Откако ќе се сварат јајцата, додадете на таа мешавина од вода и оцет, ладна вода. Оставете ги јајцата малку да се изладат, за да можете да ги фатите со рака. Потоа земете сунѓер и изгребете, па измијте го јајцето и толку.

Можете да прејдете на боење.