Дали си ја „зачинуваме“ храната со пластика? Еве зошто веројатно треба да ги фрлите сите мелници со зачини

Фото: Pexels
294

Откако инспекцијата во Хрватска нареди отповикување на три мелници за сол, другите фирми почнаа доброволно да ги повлекуваат. Сега, потрошувачите во оваа држава се загрижени дека ја зачинуваат својата храна со пластика и со сите други мелници кои можеби не се повлечени од продажба

Ако имате дома една од оние еднократни пластични мелници за крупна сол, има добри шанси дека со неа мелете пластика во вашата храна.

И не само ако сте купиле само еден од конкретните примери за кои Државниот инспекторат во Хрватска наредил повлекување од продажба, туку практично за сите видови пластични еднократни мелници за крупна сол што се во продажба.

Причина?

Надлежните во оваа држава, според Јутарњи.хр, премолчуваат и занемаруваат дека голем дел од оваа крупна сол е најверојатно спакувана во идентични еднократни пластични мелници од истиот производител со кои очигледно постои системски проблем – кој инспекцијата воопшто не го решила – и дека мелниците за еднократна употреба со пластични механизми генерално се несоодветни за крупната морска сол, која е многу тврда, така што кршењето на механизмите е често.

„Првото известување на Државниот инспекторат датира од 1 март, кога беше повлечена од продажба мелницата за мелење морска сол на Надалина од 100 грама, со рок на траење до октомври 2026 година, поради присуство на туѓо тело, односно парче пластика.

Потоа, на 29 март има две нови известувања за повлекување на мелниците за крупна морска сол од компаниите Котани и Подравка, исто така поради присуство на пластика, а потоа има уште едно известување за мелницата на Надалина, на 8 април.

После тоа, нема нови официјални известувања за мелниците до 30 април, кога компанијата Кауфланд доброволно ќе ја повлече од продажба својата мелница за сол од 110 грама поради можно присуство на микропластика, а истиот ден и Конзум доброволно ќе ја повлече неговата мелница поради присуството на пластика“, пишува хрватскиот медиум.

Тие сметаат дека е интересно тоа што само во првото известување се споменува името на производителот на мелницата, компанијата JOMA Kunststofftechnik Gmbh од Австрија, додека во сите други известувања недостасуваат информации за производителот.

Најголемиот светски производител на зачини најверојатно е Drogheria e Alimentari, италијанска компанија која го произведува брендот на Konzum’s Spice Chef и е во сопственост на американскиот гигант за зачини, компанијата McCormick.

Кој е производител на нивните мелници за крупна сол не се наведува, а одговор хрватските колеги не успеале да добијат ниту од Државниот инспекторат до кој испратиле прашања.

Конзум двапати го повлекол производот – на 15 март и на 30 април

„Нè интересираа многу работи – зошто инспекцијата селективно објавуваше информации за отповикување мелници, зошто само една компанија го споменува името на производителот на одредена мелница, дали е истражено дали во сите досега познати случаи на повлекување всушност се работи за истиот производител на мелници?

Не добивме никакви информации од Хрватската агенција за земјоделство и храна, која не информираше дека врз основа на информации од Инспекторатот, агенцијата објавува и известувања за потрошувачите – како што се известувања за повлекување – но и дека органот одговорен за управување со HR RASFF систем е Инспекторатот, кон кој мора да ги насочиме сите наши прашања“, пишува порталот.

Дополнително, пишуваат тие, постојат голем број јавно достапни научни студии кои докажуваат дека крупната морска сол не е погодна за пластични мелници за еднократна употреба.

Не само што постои можност да се скрши самиот механизам, поради што пластиката може да заврши во храната, туку докажано е дека употребата на пластични мелници резултира и со појава на микропластика во храната, чии ефекти врз здравјето сè уште не се целосно познати.

Ние пак, се прашуваме, дали ова истото важи и за сите други еднократни мелници за зачини кои се исто така тврди.

На пример, што станува со црниот пипер во зрна?

Вонредниот професор од Хемиско-технолошкиот факултет Звонимир Катанчиќ рекол дека со мелници направени исклучиво од пластика, малите парчиња пластика лесно можат да се скршат при мелењето, дури и во случаи кога пластиката е потврда од зрно сол.

„Пластиката и микропластиката се насекаде околу нас, тие се во водата што ја пиеме и воздухот што го дишеме.

Изворите не се само од пластична амбалажа, туку, на пример, ситните честички кои настануваат при абење на автомобилски гуми или синтетичките влакна во облеката.

Микропластиката сама по себе не е штетна бидејќи не се разградува во организмот, па најмногу се исфрла од телото преку дигестивниот систем“, вели Катанчиќ, но додава дека проблемот е што пластиката обично има некои адитиви кои можат да се излачат во телото, а некои од нив може да имаат одредена доза на токсичност.

„И најмалите честички, односно нанопластиката, можат да поминат низ цревниот ѕид и да навлезат во крвта. Вистинското влијание врз човечкото тело нема да се знае долго време.

Ова е проблем кој беше препознаен пред само неколку години, па тешко е да се дадат какви било недвосмислени одговори.

До акумулација во организмот секако доаѓа, но нејзините ефекти тешко се разликуваат од акумулацијата на други потенцијално штетни материи со кои сме опкружени“, вели овој професор.