Дали сте заборавливи, ви трнат прстите…? Можно е да имате дефицит на витамин Б6

Фото: Unsplash
753

Витамините од Б групата се многу важни за функционирањето на метаболизмот. Малку луѓе страдаат од тежок недостаток на витамин Б6, но еве како да препознаете дали сте и вие помеѓу нив

Недостатокот на витамин Б6 може да доведе до слабост на организмот, пад на имунолошкиот систем, губење на апетит… Постои широк спектар на промени до кои може да доведе недостатокот на овој витамин во организмот. Анемијата, на пример, може да биде резултат на недостаток на многу витамини, вклучувајќи го и витаминот Б6.

Кожата станува сува и иритирана
Хемиските процеси кои се случуваат во телото поради недостаток на овој витамин резултираат со иритација на кожата, особено на лицето. Една од последиците може да биде себореја, болест на лојните жлезди што произлегува од зголеменото лачење на маснотии. Се јавуваат и испукани и суви усни.

Трнење на прстите и стапалата
Ако често чувствувате дека вашите стапала и прсти трнеат, тоа може да е резултат на недостаток на витамин Б6. Витамините од групата Б витамини се важни за нашата невролошка состојба. Недостатокот на овие витамини влијае и на нервите.

Депресија и заборавливост
Б6 влијае на расположението и меморијата. Особено кај постарите лица, неговиот недостаток може да предизвика чувство на збунетост и тага. Депресија по мозочен удар, скршен колк или некој друг голем здравствен проблем може да настане поради недостатокот на овој витамин.

Дневна доза и храна богата со витамин Б6
Дневната доза на витамин Б6 потребна за нормално функционирање на организмот зависи од возраста. На бебињата на возраст од 7 до 12 месеци им требаат 0,3 милиграми дневно. Дневните потреби се зголемуваат со возраста – на луѓето над 50 години им треба пет пати повеќе. Најмногу го има во живината, рибата и говедското месо. Го има и во компирот и пченката. Сепак, најдостапен извор е – овошјето (освен цитрусите како што се лимонот и грејпфрутот). Посебно го има во бананите и авокадото.

Недостатокот на витамин Б6 најдобро се надоместува со исхрана. Недостатокот на овој витамин не е вообичаена појава, но доколку се сомневате дека немате доволно од овој витамин во организмот, најдобро е да се консултирате со лекар. Големи количини на витамин Б6 може да доведат до здравствени проблеми, па затоа земањето суплементи бара претпазливост.