Дали треба да ги избегнувате урмите бидејќи содржат многу природен шеќер?

Фото: Pexels
387

Урмите содржат голема количина на природен шеќер, а многумина веруваат дека поради тоа треба да се избегнуваат. Сепак, овие слатки плодови се полни со хранливи материи, што ги прави добар избор кога сакате да се заблажите.

Има три илјади различни видови урми, а нивната боја варира од жолта, кафеава, црвеникава до црна. Често се смета дека урмите се сушено овошје. Сепак, тие се всушност цели, свежи плодови кои губат до 70 отсто од својата влажност додека созреваат на дрвото. Како што сочната урма ја губи својата влажност, содржината на шеќер станува поконцентрирана, но и нејзините хранливи материи. За да го извлечете максимумот од урмите, важно е правилно да ги чувате. Треба да се чуваат во фрижидер или на ладно и суво место за да се зачуваат нивните антиоксидантни својства.

Нутритивна вредност на 100 гр урми
Калории 282 ккал
Масти 0,4 г
Јаглехидрати 75 г (од кои 8 г влакна, 63 г шеќер)
Протеини 2,5 г
Содржи: калиум, бакар, манган, железо, витамин Б6, магнезиум

Нутритивни придобивки од урмите

Висока содржина на полифеноли. Полифенолите се антиоксидантни соединенија кои можат да го заштитат телото од воспаленија. Урмите содржат повеќе полифеноли од повеќето други овошја и зеленчуци. Полифенолите може да помогнат во спречување на кардиоваскуларни болести, како што се атеросклероза, миокарден инфаркт и коронарна артериска болест, според публикацијата од 2021 година објавена во International Journal of Molecular Sciences.

Богати се со феноли. Фенолните соединенија се активни состојки во растенијата кои можат да дејствуваат како антиоксиданти и да се борат против патогените во телото. Антиоксидантите се супстанции кои го спречуваат оштетувањето на клетките од штетните слободни радикали. Високо реактивните слободни радикали се нестабилни молекули кои можат да го зголемат ризикот од развој на болести како што се деменција, Алцхајмерова болест, срцеви заболувања и рак. Истражувањето објавено во 2019 година во Journal of Pharmacy and Bioallied Sciences покажало дека антиоксидантната активност на урмите е најголема кога се во фаза на зреење.

Студиите исто така покажале дека одредени видови урми можат да се борат против микробите како што се Staphylococcus aureus, Bacillus cereus и Escherichia coli.

Тие го помагаат производството на простагландини кои го олеснуваат породувањето. Во обид да ги намалат компликациите при раѓање, истражувачите ги проучувале ефектите од конзумирањето урми во различни фази од породувањето.

Поради високата калорична вредност и содржината на јаглени хидрати, утврдено е дека урмите им даваат доволно енергија на бремените жени за да спречат физичка исцрпеност, според прегледот од 2020 година објавен во списанието BMC Pregnancy & Childbirth.

Урмите содржат и неколку масни киселини кои помагаат во производството на простагландини кои го забрзуваат процесот на породување со зголемување на контракциите и омекнување на грлото на матката. Покрај простагландините, урмите содржат соединенија кои се врзуваат за рецепторите на окситоцин за да предизвикаат контракции. Најзначајно, се покажа дека урмите значително ја скратуваат активната фаза на породувањето, според истиот преглед од 2020 година.

Значајна содржина на влакна. Само ¼ чаша урми обезбедува 12 проценти од дневните потреби на една личност за влакна. Влакната придонесуваат за чувството на ситост и се важни за варењето.

Висока содржина на калиум. Калиумот е електролит кој му е потребен на телото за добро здравје на срцето и помага во градењето на мускулите и протеините во телото. Одлична замена за шеќер. Во рецептите за колачи ставете урми наместо шеќер, ќе ја добиете истата сладост без празни калории.
Ризици

Урмите имаат многу висок процент на шеќер во споредба со остатокот од нивната хранлива вредност. Луѓето кои се обидуваат да го контролираат шеќерот во крвта, како што се оние со дијабетес, треба да ја имаат на ум вкупната количина на шеќер што го содржи ова овошје. Умереното консумирање (две дневно за дијабетичари) нема значително да го зголеми нивото на шеќер во крвта. Покрај тоа, ќе им ги обезбеди потребните хранливи состојки и влакна неопходни за редовно варење.

Како да се користат

Урмите може да се јадат свежи или сушени, слично како грозјето. Тие можат да се додадат во различни слатки или солени јадења.

Некои примери на јадења кои вклучуваат урми се:

Полнети урми: можете да ги наполните со бадеми, пекански ореви, обични ореви, крем сирење или ф’стаци.

Салати: Цели или исечени без семки, тие се одличен додаток на салатите.

Смути: Комбинацијата од урми и банани му дава на смутито природна сладост и дополнителна хранлива вредност.

Енергетски бомбици: Можете да ги измешате со ореви, брусници, овес, кокосови снегулки или разни други состојки за да направите енергетски топчиња.