Дали знаевте дека во соседството постои Музеј на слатко? Кое е вашето омилено? (ВИДЕО)

Фото: Фејсбук
268

Ако се сеќавате дека некогаш гостите се послужуваа со домашно слатко и чаша ладна вода, сигурно со носталгија се сеќавате на тоа време… Во соседна Србија постои музеј на слатко кој се обидува да ја зачува оваа традиција

Порано ова задоволство гостите никогаш не го одбиваа. Се сеќавам дека баба ми ги пречекуваше гостите токму така. Потоа, мајка ми, малку ги симна стандардите, односно, повеќе тоа не мораше да биде баш на сребрен послужавник со кристални чаши, ама сѐ уште правеше и слатко и мармалад и им ги нудеше на гостите. И тогаш никој не одбиваше.

Ние одамна веќе немаме таква навика, иако, кога имаме некое интересно слатко, како на пример она од кандирани модри сливи што го прави Сијка од Неготино или она од зрели смокви на Софи, или пак она од зелени смокви на Гуна и на Дони од Валандово, секогаш го нудиме.

Наместо на специјални мали чинијчиња за слатко, вода во кристални чаши и сребрен послужавник со миленце, ние ставаме во некој филџан или им ја даваме теглата со тоа што, нели, со едно лажиче се брцка само еднаш, но и онака речиси никој не сака уште едно.

Среќни сме и кога воопшто некој сака да проба… Да, сѐ уште има луѓе кои од мерак ке изедат барем една лажичка слатко, но повеќето велат: Не, не, се откажав од шеќер, не, не, на диета сум, не, не, не јадам слатко веќе одамна и слично…

Сосема случајно деновиве на Инстаграм наидовме на овој Музеј на слатко во Краљево, Србија.

Таму пишува дека постои од 2016 години и дека се наоѓа во куќата на семејството Цветиќ, која го чува амбиентот на автентична граѓанска куќа од почетокот на 20 век и самата датира од 1908 година. Таму, домаќинките, д-р Лидија Цветиќ Вучковиќ, теоретичар на уметност и медиуми, програмски директор на Слаткиот музеј и Марина Лукиќ Цветиќ, историчар на уметност и медиевалист (лат. medium aevum, тој што се занимава со проучување на средниот век), се обидуваат да ја зачуваат традицијата и да ги запознаат со неа новите генерации.

Музејот изгледа како прекрасно место, кое може да не врати во периодот на посетите кај нашите баби, тетки, вујни, каде што секогаш на трпезата имаше слатко и вода. И никој не беше на диета!

Инаку, во Музејот посетите се можни на секој час, но со најава, за секој да има свое време, приказна и тематска посета на музејот. Имаат и специјални програми и тури со водич за деца, работилници, дегустации, предавања, како и музејски театар.

Посебно интересни во нивната понуда се цветните слатка – од темјанушки, јоргован, багрем, од миризливи рози. Секако, таму се оние вообичаени слатка од сезонски овошја, како на пример, слаткото од сливи приготвено во девет води или она од зимската лубеница.

Дали знаевте дека постои ваков музеј и кое е вашето омилено слатко?