Климатските нарушувања, деградацијата на земјиштето и губењето на шумите веќе ги загрозуваат системите за храна и животите на милиони луѓе. Но, промената е можна, и тоа сега. Секоја одлука, секој глас, секоја акција се бројат
Денот на планетата Земја, кој се одбележува секоја година на 22 април, е глобален потсетник за важноста од зачувување на животната средина и природните ресурси за идните генерации. Годинава се слави под мотото „Наша моќ, наша планета“ со фокус на обновливите извори на енергија. Aкцентот е ставен на заедничката акција на сите земји во светот со цел тројно да се зголеми производството на чиста електрична енергија до 2030 година.
Денот на планетата Земја првпат се одржал во 1970 година во Филаделфија, на иницијатива на американскиот сенатор Едмунд Муски, како реакција на сè поочигледните еколошки проблеми предизвикани од човековата активност.
Денес, повеќе од половина век подоцна, планетата се соочува со уште посериозни предизвици: климатски промени, уништување на шумите, загадување на воздухот и морињата и забрзано губење на биолошката разновидност.
Овогодинешната тема ја нагласува силата на поединците и заедниците во борбата за зачувување на планетата. Пораката е јасна: вистинската промена не доаѓа само одозгора – таа започнува со секој од нас.
Иницијативи како онаа на здружението „Trees for the Future“, која ги комбинира пошумувањето и регенеративното земјоделство за да ја обнови почвата и да им помогне на локалните заедници, докажуваат дека моќта на луѓето може да ја обнови Земјата – едно по едно стебло.
10 клучни цели за 2025 година.
Овогодинешната прослава се фокусира на десет главни области:
- Застапување за промени – менување на навиките на животниот стил, како што се рециклирање и компостирање.
- Климатски промени – подигање на свеста за човековото влијание и решенија за забавување на глобалното затоплување.
- Зачувување на биолошката разновидност – заштита на загрозените видови и природни живеалишта.
- Образование – креирање на едукативни програми за одржливо живеење.
- Енергија – развој на обновливи извори на енергија и премин од фосилни горива.
- Храна и земјоделство – поттикнување на одржливи, локални и органски практики.
- Зелена економија – создавање зелени работни места и индустрии.
- Зелени училишта – поздрави училишни оброци, еколошки капацитети и одржлива градба.
- Рециклирање и намалување на отпадот – континуирана борба против создавањето отпад.
- Одржлив развој – рамнотежа помеѓу човекот и природата.
Времето истекува – но ние сè уште ја имаме моќта
Земјата не може да чека повеќе. Климатските нарушувања, деградацијата на земјиштето и губењето на шумите веќе ги загрозуваат системите за храна и животите на милиони луѓе. Но, промената е можна, и тоа сега. Секоја одлука, секој глас, секоја акција се бројат.
Денот на планетата Земја 2025 не повикува да бидеме дел од решението. Без разлика дали живеете во град или на село, вашиот избор е важен. Заедно можеме да го промениме правецот – за себе и за генерациите што доаѓаат.