Денес е ден за куглоф! Светски ден на еден од најстарите колачи од модла

169

Во минатото, овој колач важел за аристократски и ги красел само трпезите на привилегираните и кралските трпези ширум Европа, а модлата за куглоф претставувала луксуз и била работа на престиж. Споделуваме со вас и два омилени рецепти за куглоф

Куглофот е еден од најстарите колачи во светот кои се изработуваат во модла (калап).

Потекнува од Германија, а популарен е во широк регион на Централна Европа (понекогаш познат под друго име со мали варијации), вклучувајќи ја јужна Германија, Австрија, Швајцарија, Хрватска, Србија, Словачка, Чешка, Полска, а се разбира, и кај нас.

Тесно е поврзан со божиќниот колач во Италија познат како пандоро и американската Бунт кејк (Bundt cake).

Секоја година во Сремски Карловци, во Војводина се одржува културно-забавно-туристичката манифестација Куглоф фестивал, а екипата на „Арт кујна“ пред неколку години го посети и тамошниот Музеј на куглофот (Геа).

Имено, во овој град постои музеј на традиционалниот војводински колач со потекло од германската кујна и Сремски Карловци станува сѐ попрепознатлив и по него, па бројните туристи кои доаѓаат тука задолжително купуваат и пробуваат некој вид од големиот број рецепти за овој колач.

Првите податоци за куглофот датираат од втората половина на 17 век.

Во минатото, овој колач важел за аристократски и ги красел само трпезите на привилегираните и кралските трпези ширум Европа.

Модлата за куглоф претставувала луксуз и била работа на престиж.

Германците пред неколку векови се населиле во Сремски Карловци, а по формирањето, германското здружение „Карловиц“ во Сремски Карловци, почнало со производство и промовирање на овој традиционален германски колач. Членовите на германското здружение до денес собрале речиси 400 рецепти за куглоф. Најпознати се старинскиот, шарениот, мраморниот и винскиот куглоф.

Подолу имаме два испробани рецепти за куглоф:

Рецепт за мраморен куглоф 

Речиси сите знаеме за традиционалниот мраморен куглоф што нè научија да го правиме нашите мајки и баби.

Состојки:

250 гр путер,
250 гр шеќер,
1 кесичка ванилин шеќер,
5 јајца,
125 мл млеко,
375 гр брашно,
1 кесичка прашок за пециво,
3-4 лажички какао во прав,
1 лажичка екстракт од ванила.

Приготвување:

Измешајте ги путерот, шеќерот и јајцата.
Потоа во смесата додадете ги прашокот за пециво, брашното и солта кои претходно сте ги измешале.
Додадете ванилин шеќер и екстракт од ванила.
Калапот за куглоф подмачкајте го со путер и набрашнете го да не се залепи тестото.

Половина од смесата се става во калапот, а во остатокот од смесата се става какао и се промешува.
Врз жолтата смеса ставете ја смесата со какао.
Поминете низ колачот неколку пати со нож или виљушка за да создадете мраморен ефект.
Се пече во загреана рерна на 180 ºC 60 минути.
Изладете, извадете го од калапот и поросете со шеќер во прав.

Какао-куглоф со урми, суво грозје и портокал

Состојки:

2 шолји интегрално брашно

1 шолја бело брашно

3 јајца

2-3 лажици какао

1 шолја јогур

½ шолја зејтин

1 прашак за пециво

1 ванилин шеќер

1-2 лажици пекмез од сливи

Малку рендано црно чоколадо

Суво грозје натопено во мало филџанче рум

7-8 исечкани урми

Цимет, ѓумбир, каранфилче, морско оревче

По желба можете да додадете 1 лажица кафеав шеќер

Сок од пола портокал

Рендана кора од портокал

Приготвување:

  1. Загрејте ја рерната на 200 степени и подгответе го калапот за куглоф такашто ќе го премачкате со зејтин и ќе го попрскате со брашно за да не се лепи.
  2. Во длабок сад за матење, изматете ги јајцата со ванилиниот шеќер, па додавајте ги полека јогуртот и зејтинот, а потоа и двата вида брашно, какаото, зачините и прашакот за пециво.
  3. Откако се убаво ќе изматите, додадете ја кората и сокот од портокал, сувото грозје со румот, исечканите урми, 1-2 лажици пекмез и малку рендано црно чоколадо.
  4. Печете околу половина час, почекајте да се олади и превртете го колачот во чинија.
  5. Сервирајте со парчиња портокал.