Дојде денот за правење пита со паричка: Имаме одличен рецепт за „Василопита“

104

Иако луѓето имаат различни мислења во однос на традицијата на месење лепче или пита со паричка, факт е дека во православната традиција оваа дилема не постои. Ако сакате да се држите до православната традиција, паричка се става за Василица, во спротивно, можете да си правите пита со паричка буквално секој ден.

Лепчето или питата со паричка е еден од најпрепознатливите обичаи, но кај нас упорно секоја година се поставува прашањето дали тоа се прави на Бадник или на Василица, а луѓето се раководат според тоа каков е обичајот во регионот од кој доаѓаат. Па така, оние на кои им е поважна фолклорната наспротив православната традиција, ја прават обично погачата со паричка за Бадник, додека оние кои ја следат православната традиција, немаат дилеми – лепче или пита со паричка се прави за Стара Нова година или Василица, денот посветен на Свети Василиј Велики, кога воедно започнува и новата година според јулијанскиот календар.

Бадник, кој се одбележува на 6 јануари, има поинаков карактер. Тогаш се подготвува посно лепче, кое најчесто се дели без паричка.

Според теолошките толкувања, коренот на обичајот со лепчето и паричката се наоѓа токму во житието на Свети Василиј Велики. Во него се раскажува дека, кога бил архиепископ во Кесарија, тој собрал накит и златници од жителите на градот за да ги заштити од одмаздата на Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните.

Откако опасноста поминала и Јулијан бил убиен, Василиј не знаел кое злато кому му припаѓа, па по божествено вдахновение наредил да се направат мали лепчиња во кои биле ставени златниците и накитот. На денот на Новата година, секој верник добил по едно лепче и во него го нашол токму она што било негово и што претходно го дал. Во спомен на овој настан, се верува дека на денот на Свети Василиј Велики се меси лепче со паричка.

Покрај верниците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Василица ја празнуваат и Српската и Руската православна црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора, што дополнително ја потврдува длабоката вкоренетост на овој обичај во православниот свет

Еве и рецепт за нашата пита со паричка.

Состојки:

750 г брашно

малку квасец (1/4 свеж или малку сув)

2 филџани зејтин

1 ипол лажиче сол

1 ипол шолја вода

Приготвување:

Од состојките се замесува тесто и се остава 10 минути да се одмори. Се дели на два дела, секое се расукува во кора и се премачкува со свинска маст, путер или маргарин. Секоја од корите се засекува такашто со нож во средината се исцртува круг, а потоа се засекува од кругот кон краевите на кората со нож на 9 парчиња кои се преклопуваат едно врз друго.

(Ова е поедноставната варијанта од онаа кога двете топчиња се делат на уште 9, па секое посебно се расукува, се премачкува со маст и се реди едно врз друго).

На нашиот поедноставен начин се подготвуваат двата дела од тестото и се ставаат во фрижидер. Најдобро е да отстојат преку ноќ, но доволни се и само 2 часа.

Потоа од двата дела се расукуваат кори, едната се става во подмачкана тепсија, се става филот, па одозгора се става втората кора и се пече.

Филот направете го по ваша желба. На пример, едната со мелено месо и кромид, а втората со урда и јајца. Паричката завиткајте ја во мало парче фолија и ставете ја некаде во питата. Тој што ќе ја најде, може да се радува, иако паричката со сигирност не е носител на среќа, туку само симбол кој ќе не потсетува на чудото поврзано со Свети Василиј Велики.