„Дома“ на Спасиа Динковски, најдобра дијаспорска книга за готвење на светот

Фото: Принтскрин
40

Натпреварот за најдобри книги за готвење на светот се одржува секоја година, од 1995 наваму, а годинава е за нас посебна бидејќи токму Македонката Спасиа Пандора Динковски, авторка на „ДОМА“, е добитничка на оваа престижна награда, за најдобра дијаспорска книга за готвење

Од Лондон деновиве ни стаса веста дека на Светските награди за книги за готвење, GOURMAND AWARDS: The Best Cookbooks in the World, наградата за најдобра дијаспорска книга за готвење ја доби книгата „Дома“, на Спасиа Пандора Динковски, родена во Англија, од родители-Македонци и најголем амбасадор на Македонија во оваа земја. Наградата беше доделена во рамките на Светскиот самит за храна во Португалија.

GOURMAND AWARDS: The Best Cookbooks in the World се основани во 1995 година од Едуар Коантро. Секоја година, тие ги наградуваат најдобрите книги за храна и за вино, печатени или дигитални, како и телевизии специјализирани за храна.
Во 2024 година, имаат учесници од 221 земја и региони кои учествуваат на овие престижни награди, единственото меѓународно натпреварување во секторот.
Секоја година, „Гурманд“ ги доделува наградите на многу посебна локација за гастрономијата. Церемонијата е секогаш можност да се запознае секоја важна личност во светот на храната и книгите: стотици издавачи, автори, готвачи и новинари учествуваат на овие настани.

Спасиа не била во можност да присуствува на доделувањето од причина што пред околу месец и половина стана мајка. Но затоа, веста за наградата со гордост, но пред се, со голема радост ја сподели со своите следбеници на социјалните мрежи.

„Гурманд авордс“ се споредуваат со „Оскарите“ за филм. Тие се единствена можност да се изгради имиџот на културата на храна во една земја, да му се покаже на светот нејзиниот дух.

Оттука, книгата „Дома“ на нашата Спасиа Динковски, девојката која во последните четири години доживеа филмски успех и стана славна речиси како членовите на кралското семејство во Англија, е вистинскиот избор.

Нејзините родители се Македонци, а таа е родена во Англија, но е поголема Македонка дури и од оние што си заминале оттука пред само неколку години, а покрај неа, научија за Македонија многу дури и оние кои не знаеја ништо.

Книгата на Спасиа во која, можеме да се пофалиме, и ние имаме замешано прсти, е вистинска ода на македонската кујна.

„Полна со свежи и иновативни рецепти за јадења што не се пропуштаат, „Дома“ разиграно експериментира со традиционалните вкусови, притоа создавајќи уникатен и модерен поглед на храната од овој досега неистражен регион. Покрај повеќето рецепти има и убави и искрени приказни за храната од целата земја кои нудат уникатна слика за енергичната кулинарска и културна историја на регионот и живописни слики од модерна Македонија. Отклучете ги вкусовите на ова евокативно катче на Југоисточна Европа со оваа автентична и современа регионална книга за готвење од една од ѕвездите во подем на балканското готвење“, пишува во најавата за книгата нејзиниот британски издавач.

Во неа ќе најдете и ќе препознаете и многу оригинални ликови и места кои Спасиа ги посетила и ги засакала во текот на своите посети на Македонија, додека паралелно ги пишувала приказните за книгата и склопувала пријателства кои траат. Оттука, книгата не само што е полна со вкусни македонски специјалитети и со прекрасните фотографии на фотографката  Кејтлин Исола, таа е полна и со емоции. Тука се Тони и Фросина од популарната скопска кафеана „Фросина“, Давид од „Кози, млеко, планина“, Наташа од селското домаќинство „Пирустија Неданоски“ и многу други.

Честитки за „Дома“ и за авторката.