Домашен сок од тиква, вистинска енергетска бомба и заштитник од многу болести (РЕЦЕПТ)

Фото: Freepik
709

Доколку имате вишок од овој зеленчук или сте купиле голема тиква и не можете да ја искористите, еве рецепт за правење сок кој е вистинска енергетска бомба која ќе ве заштити од болести оваа зима.

Тиквата е храна со висока хранлива вредност. Содржи многу витамини А и Ц, калиум, фосфор, калциум, магнезиум, но и други витамини и минерали. Во исто време, нејзината енергетска вредност е ниска, само 26 калории на 100 грама свежа тиква.

Таа е одличен диуретик и се препорачува за лица со ревматски тегоби, гихт, воспаление на уринарниот тракт, бубрезите и жолчниот меур. Ефикасно го намалува холестеролот во крвта и е идеална храна за луѓе со болен стомак и црева.

Тиква, тиква, тиква во која било форма и од кој било вид, е совршена зимска храна. Можете да ја испечете, да направите супа, пире, џем, совршен фил е за пити, но одлична е и како сок.

Домашен сок од тиква – Рецепт
Основниот рецепт се состои во ставање на тиквата исечена на парчиња во врела вода. Гответе ја кратко време, колку да омекне. Кога малку ќе се олади, додадете уште вода, шеќер (или уште подобро мед) и сок од лимон и заедно измешајте со рачен миксер или во блендер.

Ако тиквата е слатка, не претерувајте со шеќерот.

Секако, секогаш има варијации на темата, па можете да комбинирате тиква со јаболка или моркови. Во тој случај, прво ставете ги морковите и/или јаболката, а потоа и тиквата.

Откако ќе се сварат, додадете вода, шеќер и сок од лимон по желба и измешајте. Ако сакате побистар сок, процедете низ неколку слоеви газа.

Секогаш можете да експериментирате со зачините, а тиквата одлично оди со ѓумбир, куркума и цимет, кои се одлични заштитници во борбата против вирусите и бактериите. Во водата пред да ја ставите тиквата можете да сварите корен од ѓумбир или стапче цимет, а доколку се мелени додадете ги подоцна.

Пастеризација на сокот за подолго траење
Вака направениот сок истурете го во стерилизирани шишиња и чувајте го во фрижидер. Ако сакате да трае подолго, тогаш пастеризирајте го. Тоа значи дека шишињата ќе ги ставите во подлабок сад и ќе го наполните со вода така што 3/4 од шишето ќе биде во водата. Задолжително ставете крпа на дното на садот и не дозволувајте шишињата да се допираат.

Процесот на пастеризација трае околу 25 минути, на 75°C, што значи дека водата не треба да врие, туку да „шумоли“. Кога ќе заврши пастеризацијата, оставете ги шишињата во водата додека не се изладат целосно.

Можете да ги пастеризирате и во рерна. Ставете ги шишињата во рерна, поставете ја температурата на 75°C и чувајте ја таа температура додека не видите дека се појавуваат меурчиња во сокот кои „патуваат“ нагоре. Потоа исклучете ја рерната и оставете ги соковите целосно да се изладат.

Чувајте ги на ладно и темно место, а кога ќе го отворите сокот, чувајте го во фрижидер и испијте го во рок од неколку дена.