Глобалната организација Слоу фуд е создадена како пандан на брзата храна, а нејзината цел е да се произведува чиста и правична храна, а притоа да се зачува биодиверзитетот и разновидноста на храната.
А кој го прави тоа денес? Кој ги чува старите рецепти, традиционалните начини на производство и автохтоните сорти? Па, малите производители и луѓето во руралните средини. Дојдете на трпеза и запознајте се со нив
„Не можам да се помирам со фактот дека на толку прекрасна, автентична локална храна, најпознативе и најголеми ресторани во Охрид, за вегетаријански оброк служат зеленчуци на скара, безвкусен бел ориз и златна мешавина.
Еднаш, пола саат им зборував на туристите во автобус за нашата храна, за да ги спремам за ручек во традиционален ресторан, кога таму – пилешки стек со вариво, понудени под името локална храна.
Ме гледаат бледо луѓето кои чекаа да го испробаат тоа за што им зборував, сирења, ајвари, пиперки, комати, а пред нив – стек!“, ни раскажа резигнирано еден туристички работник од нашава мала дежела за својата најголема болка.
И токму во таа насока, односно, за да не се случува ова, но и за да го зачуваме она што остана од нашата традиционална храна, е насочена активноста на Слоу фуд Македонија, дел од глобалната организација на активисти чија визија е свет во кој сите луѓе ќе имаат пристап и можност да уживаат во храна која е добра за нив, за оние кои ја одгледуваат и за нашата планета.
Светската организација на Слоу Фуд вклучува повеќе од милион активисти, готвачи, експерти, млади луѓе, фармери и академици во околу 160 земји.
Создадена е како пандан на брзата храна, а нејзината цел е да произведува чиста и правична храна, а притоа да се зачува биодиверзитетот и разновидноста на храната.
А кој го прави тоа денес? Кој ги чува старите рецепти, традиционалните начини на производство и автохтоните сорти?
Па, малите производители и луѓето во руралните средини.
Оние кои не се рекламираат никаде (освен што „Арт кујна“ редовно, а некои од другите новинари одвреме навреме, ќе напишат и ќе објават по некоја нивна приказна), а сѐ што продаваат од нивните производи оди единствено по препорака и квалитет.
„Дојди на трпезата“ е мотото на вториот Национален конгрес на Слоу Фуд Македонија што ќе се случува на 14 јули (недела) во Битола.
Седумдесет делегати од конвивиумите, здруженијата и групи кои се дел од Слоу фуд Македонија ќе присуствуваат на овој значаен настан кој ќе ги одреди приоритетите на организацијата и програмските определби на кои ќе работи во следните 4 години.
„Дојдете на трпезата! Заедно да ја споделиме, обединети во различностите, заедничката реалност на заедниците, да ја осигураме иднината и…, храна за утре!
За да ја создадеме земјата што ја сакаме за нашите деца и внуци, земја на животот, слободата и правичноста за сите“, порачуваат од Слоу фуд Македонија.
Пораките од Конгресот ќе бидат усмерени главно кон новите генерации и нивното враќање кон природата. Бидејќи, императив и предизвик на Слоу Фуд Македонија се младите луѓе, возобновување со свежа енергија, поврзување на храната и иднината, агроекологија, агротуризам…
Да се гради, да се спојува и да се обедини сѐ околу заедничката мисија на Слоу фуд Македонија.