Домашно си е домашно! Многу се повкусни отколку оние што обично можете да ги купите спакувани во кеса, а направени којзнае од кога. И пробајте, воопшто не се тешки за правење
Њоките се прилог со кој не можете да згрешите, особено ако за нив подготвите и вкусен и ароматичен сос.
Приготвувањето њоки е вештина која вреди да се научи затоа што оние направени дома се далеку повкусни и поквалитетни од купечките. А верувајте, станува збор за само неколку состојки и малку труд.
Ако сакате да го привлечете вниманието на децата, можете и да го обоите тестото со помош на природни бои, како што е на пример, правот од цвекло или мелен спанаќ и да ги зачините со мускатно оревче.
Состојки:
1,4 кг брашнест компир
500 г остро брашно
2 јајца
Сол
Приготвување:
Измијте ги компирите и ставете ги во голем сад со ладна вода. Сварете ги, исцедете ги и почекајте малку да се оладат, а потоа излупете ги.
Изрендајте ги компирите, додадете ги јајцата и солта и постепено додавајте го брашното. Месете со раце додека не се добие компактна смеса.
Расукајте го тестото во долгнавеста форма со широчина до 2 цм и исечете ги њоките па ако сакате и притиснете ја секоја со вилушка за да го добијат препознатливиот изглед. Набрашнете ги и оставете ги малку да се одморат, а потоа сварете ги во зовриена солена вода и извадете ги кога ќе испливаат на површината.
Исцедете ги, потопете ги во ладна вода и повторно исцедете ги. Намрсете ги со прстите и распоредете ги по сува површина. Можете да ги послужите веднаш или внимателно да ги преместите во пластични кесички и да ги замрнете.