Дури и во Сиднеј се јаде македонски бурек: Браќата Радевски вртат тесто во далечната Австралија

Фото: Принтскрин
26

Македонскиот бурек го освојува светот, па покрај Спасиа Динковски која направи бум во Лондон, македонските браќа Никола и Јован Радевски го прават истото во далечниот Сиднеј

Неодамна, австралиското списание „Good Food Australia“ објави статија за „скриените дијаманти“ на австралиската кулинарска сцена, поточно, за бурекот на браќата Никола и Јован Радевски како едно од најпознатите јадења во градот. Приказната за двајцата браќа кои ги напуштиле своите перспективни кариери за да ја продолжат семејната традиција на својот прадедо, стана вистински хит и покажа дека за македонската храна нема граници.

Покрај „бомбата“ што ја фрли Спасиа Динковски во Лондон со нејзиниот Мистик бурек, браќата Радевски направија бум во Сиднеј кога им го претставија својот бурек на жителите на Сиднеј.

Браќата Радевски се школувале во сосема други професии, па едниот, Никола, е дипломиран воздухопловен инженер, а другиот, Јован, завршил трговија.

Нивниот прадедо Божин Радевски правел бурек, а нивниот татко Ристо Радевски ја продолжил традицијата во ресторанот за брза храна „Пела Бурек“ во Рокдејл, па тие двајца пораснале со мирисот на бурекот. Ресторанот кој го водел нивниот татко со децении, „Pella Burek“ во Рокдејл, бил затворен во 2011 година.

Седум години подоцна, во 2018 година, браќата одлучиле дека наследството на нивниот прадедо, Божин Радевски, не смее да згасне. Изнајмиле простор, го реновирале и повторно го запалиле огнот во фурните.

– Го јадевме секој ден, а татко ни нѐ научи како се прави. Моравме да ја продолжиме семејната традиција – вели Јован за австралискиот медиум.

Сепак, тие решиле да направат некои промени во рецептот, без да го изгубат автентичниот вкус за да можат да им се приближат на потрошувачите кои никогаш претходно не го пробале овој специјалитет. Клучната промена е исфрлањето на свинската маст, која е стандард во традиционалниот македонски бурек и воведувањетона сончогледово масло, со кое тестото станало полесно и поприфатливо за поширока клиентела.

Тие вовеле и варијанти за вегетаријанци и вегани, па меѓу нив е популарен нивниот бурек со праз и со компир. Инаку, браќата подготвуваат седум видови бурек, кои покрај вегетаријанските верзии, ги вклучува и класичните, со месо и со сирење. Тестото е исполнето со свежа рикота и фета сирење, а она со месо зачинето е со мешавина од мелено говедско месо и карамелизиран кромид.

Но, бурекот не оди без јогурт па браќата Радевски отишле чекор понатаму во брендирањето на македонскиот појадок. Инвестирале во машини за пастеризација и конзервирање и започнале со производство на сопствена матеница.

Овој потег се покажал како полн погодок. Денес, покрај седумте видови бурек, тие неделно продаваат и до 400 лименки од овој освежителен пијалак, едуцирајќи ги Австралијците дека бурекот и матеницата се нераскинлив тандем. Нивниот успех е потврда дека кога традицијата ќе се спакува модерно, светот е подготвен да ја „вкуси“ Македонија.