Една круша, една душа…Крушите се богати со пектин кој ефикасно го намалува нивото на лошиот холестерол
Секојдневното консумирање на круши помага во постигнување и одржување на здрава телесна тежина, но крушите се препорачуваат и ако имате проблеми со холестерол и висок притисок, запек, за подобaр имунитет. Свежо исцедениот сок од круша пак, се препорачува како најдобар начин за намалување на температурата
Крушата е овошје слично по големина на јаболката. За разлика од нив, крушите имаат кора која потешко се чисти. Најпозната е кинеската круша, која има и најдобри лековити својства.
Присутни се во текот на целата година, а најдобри се оние кои созреваат од крајот на јули до почетокот на февруари, во есенско-зимскиот период.
Луѓето кои јадат по една круша на ден имаат понизок индекс на телесна маса и генерално поздрави навики во исхраната. Исто така, секојдневното консумирање на круши помага во постигнување и одржување на здрава телесна тежина.
Една студија на американските научници, чии резултати се објавени во списанието Nutrition and Food Science, открива дека е потребна само една круша дневно за да се намали ризикот од дебелина за дури 35%.
Во истражувањето учествувале 24.808 луѓе на возраст над 19 години. Научниците ги проучувале нивните животни навики, вклучувајќи ги навиките за вежбање и навиките за исхрана, во период од 9 години.
Резултатите од студијата покажале дека учесниците кои секојдневно јаделе круши имале помал ризик од развој на дебелина и генерално подобри животни навики. Не пушеле, поретко консумирале алкохол и исхраната им била поздрава.
Ова истражување сугерира дека постои поврзаност помеѓу честото консумирање круши и намалениот ризик од дебелина, срцеви заболувања, разни видови на рак и дијабетес тип 2, изјавил водачот на студијата д-р Керол О’Нил.
Крушата е одличен извор на диетални влакна. Го стимулира дигестивниот систем, а во исто време го продолжува чувството на ситост и ја намалува желбата за грицки.
Нутритивна вредност
Крушите се одличен извор на растворливи влакна. Тие содржат витамини А, Б1, Б2, Ц и Е, фолна киселина и ниацин и се богат извор на бакар, фосфор и калиум, а во помали количини содржат калциум, хлор, железо, магнезиум, натриум и сулфур.
Здравствени придобивки
Крушите се хипоалергично овошје кое е богато со влакна и ретко предизвикува алергиски реакции. Сокот од круша е одличен за новороденчиња бидејќи има благ вкус и е здрав. Крушите помагаат при многу здравствени состојби, па затоа се препорачува редовно консумирање на круши за сите кои страдаат од овие состојби.
Холестерол
Крушите се богати со пектин кој ефикасно го намалува нивото на лошиот (ЛДЛ) холестерол.
Крвен притисок
Крушите содржат антиоксидантни и антиканцерогени соединенија кои спречуваат висок крвен притисок и срцев удар.
Имунитетот
Антиоксидантното дејство на крушите ќе го зајакне вашиот имунолошки систем. Јадете круша или пијте сок од круша, особено кога е сезона на грип и студ.
Бременост
Сите трудници треба да го зголемат внесот на фолна киселина во текот на бременоста за да го спречат развојот на вродени нарушувања кај бебето. Крушата е богата со фолна киселина, па експертите ја препорачуваат за време на бременоста.
Рак
Високото ниво на витамин Ц и бакар ќе го намали нивото на слободните радикали во телото и на тој начин ќе го спречи оштетувањето на клетките.
Воспаление
Крушата има антиинфламаторно дејство и помага во ублажување на болката предизвикана од воспалителните процеси.
Температура
Најдобар начин да ја намалите температурата е да испиете голема чаша свежо исцеден сок од круша.
Запек
Пектинот е диуретик и има благо лаксативно дејство, што ќе ги стимулира цревата и ќе овозможи правилно варење на храната.
Дигестивен тракт
Растворливите влакна се одлични за здравјето на дигестивниот тракт и можат да спречат рак на дебелото црево.
Остеопороза
Крушите содржат високо ниво од минералот бор кое му помага на телото да го апсорбира калциумот и на тој начин да ја спречи остеопорозата.
Енергија
Крушата е богат извор на гликоза и фруктоза, кои прилично брзо го зголемуваат нивото на енергија.
Совети за консумирање
Изберете цврсти круши со потемна боја. Ако крушите ви се премногу тврди, оставете ги да отстојат неколку дена додека малку да омекнат. Откако ќе ја излупите крушата, таа може да отстои неколку дена.
Чувајте ги крушите подалеку од храната со интензивен мирис (кромид, лук, кисела зелка) затоа што тие лесно можат да ги прифатат овие мириси, а не ги чувајте во иста корпа со јаболката бидејќи ќе созреат многу побрзо или ќе скапат за неколку дена.