Авокадото не е чудотворна храна, но може да биде моќен сојузник за здравјето на срцето
Авокадото со години се наоѓа на листата на најпосакувани намирници во здравата исхрана, а ново истражување покажува дека неговото редовно консумирање може да има уште една важна придобивка – да помогне во намалување на ризикот од срцеви заболувања кај луѓето со прекумерна телесна тежина.
Истражувањето, објавено во списанието „Journal of Clinical Lipidology“, опфатило 786 возрасни лица кои во период од шест месеци или продолжиле со својата вообичаена исхрана или секојдневно јаделе по еден авокадо, без други промени во животните навики.
Резултатите покажале дека луѓето кои секој ден консумирале авокадо имале пониско ниво на LDL честички во крвта. Станува збор за честички кои го пренесуваат холестеролот низ организмот и се сметаат за еден од важните показатели за ризик од развој на срцеви заболувања. Според проценките на истражувачите, оваа промена може да биде поврзана со околу четири проценти помал ризик од кардиоваскуларни болести.
Сепак, стручњаците нагласуваат дека авокадото не е „чудотворна“ намирница за слабеење. Учесниците во истражувањето не изгубиле килограми ниту им се намалил обемот на половината. Неговата корист треба да се гледа како дел од целокупниот здрав начин на исхрана, а не како единствено решение за заштита на срцето.
Авокадото е богато со растителни влакна, здрави незаситени масти и калиум, минерал кој помага во одржување на нормален крвен притисок. Освен тоа, придонесува за подобра апсорпција на витамините А, Д, Е и К, може позитивно да влијае врз здравјето на цревата и да создаде подолго чувство на ситост.
Нутриционистите советуваат авокадото да не се додава врз веќе калорични оброци, туку да се користи како замена за помалку здрави намирници. На пример, може да го замени путерот на леб, мајонезот во сендвичите или кремастите преливи во салатите.
Иако една намирница сама по себе не може да го зачува здравјето на срцето, авокадото може да биде вреден дел од исхрана богата со свежо овошје, зеленчук, мешунки, риба и квалитетни извори на масти.