Едно вкусно овошје може да го намали ризикот од рак, покажуваат студиите
Мангото е богато со вредни хранливи материи, а разни студии го поврзуваат со подобар имунитет и варење, па дури и со помал ризик од одредени видови рак благодарение на полифенолите што ги содржи
Одредени овошја, иако не се секојдневен гостин во нашите корпи, можат да имаат исклучително позитивно влијание врз здравјето. Експертите често нагласуваат дека е важно да се размислува за разновидност во исхраната и да им се даде шанса на поегзотични видови овошје кои се лесно достапни во текот на целата година.
Едно такво овошје е мангото, тропско овошје кое во некои делови од светот се нарекува и „крал на овошјето“. Мангото е богато со вредни хранливи материи, а разни студии го поврзуваат со подобар имунитет и варење, па дури и со помал ризик од одредени видови рак благодарение на полифенолите што ги содржи, пишува Дејли Експрес.
Според експертите, една чаша манго може да задоволи дури 67 проценти од дневните потреби за витамин Ц и десет проценти од потребите за витамин А, кој е важен за имунитетот и здравјето на кожата.
Мангото содржи и антиоксиданти како што се бета-каротен, лутеин и зеаксантин, кои, според студиите, помагаат во здравјето на очите и ја зајакнуваат одбраната на телото.
Тоа лесно може да се вклучи во вашата дневна исхрана – или како ужина или како додаток во смути. Освен што придонесува за здравјето, експертите нагласуваат дека мангото може да биде одличен избор за оние кои бараат здрава и вкусна алтернатива на класичните слатки.