Потребно е да се вари најмалку три или четири минути за да добиете максимална количина на флавоноиди во една шолја чај.
Ако ви кажеме дека неколку чаши од овој напиток дневно помагаат во намалувањето на крвниот притисок и го намалуваат ризикот од срцев и мозочен удар, дали би го вовеле во вашата дневна рутина?
Познатата нутриционистка, д-р Кери Ракстон од Универзитетот „Queen Margaret“ открила дека само една шолја дневно од омилениот британски напиток може да помогне во намалувањето на крвниот притисок. Таа ги нагласува вредностите на чајот, особено на црниот чај, за кој вели дека е многу ценет поради неговите здравствени придобивки уште од дамнина.
И ова очигледно не е лошо да се повтори, бидејќи, според неодамнешното истражување нарачано од Tea Advisory Panel (здружение на експерти од областа на семејната медицина, јавното здравје и исхраната кои даваат независни, објективни и проверени информации за здравствените придобивки од чаевите и билните инфузии), седум од десет Британци се свесни за здравствената состојба на своето срце, но само еден од десетмина е свесен дека чајот може да придонесе за намалување на крвниот притисок.
Малкумина знаат за овој скапоцен ефект на чајот
Една третина од возрасните во Велика Британија имаат висок крвен притисок, но во многу случаи тој останува недијагностициран. Секоја година се трошат огромни суми пари за лекови, прегледи и лекување на компликации, како што се срцеви или мозочни удари, за лекување на висок крвен притисок. Иако многу луѓе се свесни дека намалувањето на внесот на сол и јадењето повеќе овошје и зеленчук може да помогне, малку е познато дека вашиот омилен топол напиток, со или без млеко, мед или лимон, исто така може да помогне во намалувањето на крвниот притисок, вели д-р Ракстон.
2-3 mmHg помалку носи огромни придобивки
Една клучна студија, објавена во American Journal of Clinical Nutrition, покажала дека редовната консумација на силен црн чај значително го намалила систолниот и дијастолниот крвен притисок кај испитаниците во текот на шест месеци.
Луѓето кои пиеле три шолји чај дневно имале просечно намалување на крвниот притисок од 2-3 mmHg во споредба со контролната група. Иако изгледа скромно, ова намалување е клинички значајно бидејќи дури и многу мало намалување на крвниот притисок може значително да го намали ризикот од срцев и мозочен удар.
Магична состојка
Црниот чај, со или без млеко и други додатоци, е богат со флавоноиди, специјални растителни супстанции кои го поддржуваат здравјето на срцето. Флавоноидите помагаат во подобрувањето на ендотелната функција, односно во регулирањето на ширењето и релаксацијата на крвните садови. И како што крвните садови се опуштаат, крвниот притисок паѓа. Покрај тоа, единствените природни супстанции од црниот чај се во интеракција со патиштата на азотен оксид во телото, што помага да се зголеми циркулацијата и да се намали вкочанетоста на крвните садови, што се клучни фактори за одржување на здрав крвен притисок, објаснила д-р Ракстон.
Колку чај е потребен?
За да ги искористите сите придобивки од црниот чај за крвниот притисок, студиите препорачуваат пиење од три до четири шолји дневно. Ако веќе пиете една шолја на ден, не би требало да биде проблем да додадете уште една или две во текот на денот. Можете да уживате во чајот во неговата наједноставна форма, без никакви додатоци, или со додавање на млеко, сок од лимон, мед, листови од нане или некоја урма што можете да ги додадете за подобар вкус, советува д-р Ракстон, додавајќи дека треба да запомните да го варите чајот најмалку три или четири минути за да ја добиете максималната количина на флавоноиди во вашата шолја.
Со зголемениот број на луѓе кои страдаат од хипертензија, многу е корисно да се знае дека еден толку едноставен и здрав диететски трик може да биде корисен за нашето срце, заклучиле авторите на студијата.