Екстрактот од корен од глуварче како сојузник против ракот?
Научниците ширум светот се прашуваат дали екстрактот од корен од глуварче е нов сојузник во борбата против ракот или само лабораториска надеж…
Во изминатите неколку години, екстрактот од корен од глуварче (Dandelion Root Extract, DRE) привлече големо внимание од научната заедница и јавноста поради неговите потенцијални антиканцерогени својства. Ова вообичаено лековито растение, кое често се смета за плевел, сега се истражува како можен сојузник во борбата против разни видови рак. Но, колку се основани тврдењата за неговата ефикасност?
Неколку студии, вклучително и студија од 2016 година на Универзитетот Виндзор во Канада, покажале дека екстрактот од корен од глуварче може да предизвика смрт на клетките на ракот во лабораториски услови. Во претходно споменатата студија, DRE уништил повеќе од 95% од клетките на ракот на дебелото црево во Петриева шолја, значи, во лабораторија, во рок од 48 часа, додека здравите клетки не биле погодени. Слични резултати се пријавени и кај други видови рак, како што се леукемија, меланом, рак на панкреас и рак на простата.
Истражувањето било сумирано и објавено од јеменскиот научник Хашем Ал-Гаили, молекуларен биолог за кој пишуваше и BBC.
Истражувачите забележале дека DRE предизвикува апоптоза, или програмирана клеточна смрт, кај клетките на ракот и го забавува нивниот раст. Во некои случаи, комбинацијата на DRE со екстракт од лимонова трева покажала уште посилен ефект, особено кај клетките на ракот на простата.
Први чекори надвор од лабораторијата
Покрај студиите in vitro, спроведени се и некои студии на животни. Резултатите покажале дека третманот со DRE може значително да ја намали големината и масата на туморите, а кај некои модели на тумори се забележани намалувања од повеќе од 90%. Овие наоди дополнително го стимулирале интересот за клинички испитувања кај луѓето.
Д-р Сијарам Пандеј, водечки истражувач на Универзитетот во Виндзор, истакнал дека лабораториските резултати се исклучително охрабрувачки, но предупредува дека патот до примена во секојдневната медицинска пракса е сè уште долг.
„Лабораториските истражувања се важен прв чекор, но само клиничките испитувања кај луѓето можат да ја потврдат ефикасноста и безбедноста на екстрактот од корен од глуварче во лекувањето на ракот“, нагласува Пандеј.
Претпазливост пред ентузијазам
И покрај позитивните лабораториски резултати, научниците предупредуваат дека ваквите наоди не треба автоматски да се пренесуваат на луѓето. Историјата на медицината знае многу соединенија кои покажале извонредни ефекти во клеточни култури или животни, но подоцна се покажале како неефикасни или дури и штетни во клиничките испитувања кај луѓето. Во моментов, нема доволно големи и висококвалитетни клинички испитувања за да се потврди дека DRE е безбеден и ефикасен како третман за рак кај луѓето. Првите клинички испитувања се во тек, но резултатите сè уште не се познати.
Совет од лекарите: Не се откажувајте од докажани терапии
Експертите и лекарите силно ги предупредуваат пациентите да не ги прекинуваат стандардните онколошки терапии во корист на билни препарати без консултација со лекар.
„Иако резултатите од лабораториските студии се интересни, екстрактот од корен од глуварче сè уште не е докажан лек за рак. Пациентите кои се потпираат исклучиво на алтернативни методи ги ставаат своето здравје и живот во опасност“, вели д-р Пандеј.
Екстрактот од корен од глуварче е достапен како додаток во исхраната во многу продавници за здрава храна, но неговиот квалитет и концентрација може значително да варираат. Исто така е можна е интеракција со други лекови или терапии, па затоа е важно да се консултирате со лекар пред да земете какви било додатоци.
Како заклучок, екстрактот од корен од глуварче останува интересна тема на научни истражувања, но не и замена за стандардната медицинска нега за рак.