Доколку сакаме хранлив, урамнотежен и здрав оброк, есенските варива со нивното богатство на вкусови ќе бидат вистински погодок.
Кога ќе пристигнат врнежливи денови и ќе ги извадиме долгите ракави од плакарот, сакаме да се стоплиме, а нашето тело бара нешто лесно, топло и вкусно и нема ништо поубаво од тоа во тие моменти да јадеме нешто со лажица.
Доколку сакаме хранлив, урамнотежен и здрав оброк, есенските варива со нивното богатство на вкусови ќе бидат вистински погодок.
Тие се одлична можност да додадете многу зеленчук, но и да внесете малку течност.
Додадете некој извор на протеини во зеленчукот и житарките кои покрај месото, може да бидат и мешунки или тофу коцкички.
Зачинете го варивото со мајчина душица и ким, кои се идеални за варење, или со ловорови листови и лук.
Пробајте ги овие рецепти за есенски варива:
Есенска чорба со јачмен и наут
Јачменот е многу хранливо зрно кое некако го испуштаме од редовното консумирање, а наутот е мешунка која покрај сложените јагленохидрати содржи протеини и влакна.
Освен тоа, некои луѓе подобро го поднесуваат наутот од гравот.
Состојки:
200 гр јачмен
1 чаша сварен наут (може и од конзерва)
1 средна батернат тиква (исечена на коцки)
2 моркови (исечени на тркалца)
1 стебленце целер (исечено на тенки парчиња)
1 црвен кромид (сечкан)
2 чешниња лук (сечкани)
2 компири (исечени на коцки)
1 ловоров лист
1 лажичка мајчина душица
половина лажичка чадена пиперка
половина лажичка ким
половина лажичка морско оревче
1 супена лажица маслиново масло
1,5 л супа од зеленчук или пилешко
црн пипер
сол.
Приготвување:
Јачменот исплакнете го под ладна вода, а потоа варете го во многу вода околу половина час додека не омекне.
После тоа исцедете го и оставете го на страна.
На загреано маслиново масло пропржете го кромидот неколку минути, а потоа додадете го лукот и пржете околу една минута.
Додадете исечени компири, целер, тиква и морков и динстајте неколку минути, а потоа додадете мајчина душица, ким, ловоров лист, пипер и морско оревче.
Додадете ја течноста и оставете да се готви околу 20 минути.
Додадете ги наутот и јачменот и оставете да се вари сѐ заедно уште пет минути.
Зачинете со сол и пипер на крајот, а пред сервирање извадете го ловоровиот лист.
Послужете со парче домашен леб по желба.
Есенско вариво со пилешко и сладок компир
Слаткиот компир им дава посебен шарм на јадењата, а пилешкото е тука за оние кои не можат да живеат без месо.
Не заборавајте на зеленчукот, а зачините ќе го подигнат варивото на повисоко ниво во однос на вкусот и мирисот.
Состојки:
500 гр пилешки гради (исечени на парчиња)
2 супени лажици маслиново масло
1 црвен кромид (сечкан)
2 чешниња лук (сечкани)
2 моркови (исечени на тркалца)
2 стебленца целер (исечен на кришки)
2 слатки компири (исечени на коцки)
1 компир (исечен на коцки)
1 ловоров лист
1 лажичка чаден пипер
половина лажичка сува мајчина душица
половина кафена лажичка морско оревче
1/4 лажичка ким
црн пипер
сол
1,5 л пилешка супа
1 супена лажица свеж магдонос (сечкан).
Приготвување:
Пилешкото пропржете го во лажица маслиново масло околу седум минути додека не порумени, а потоа оставете го на страна.
Пропржете го кромидот во уште една лажица маслиново масло неколку минути, а потоа додадете го лукот и пржете околу една минута.
Потоа додадете го зеленчукот и оставете го да се динста неколку минути.
Додадете ги сите зачини и измешајте.
Вратете го пилешкото во тенџерето, додадете ја течноста и оставете го да се готви околу 25 минути.
Пред сервирање, извадете го ловоровиот лист и поросете со магдонос.
Послужете со парче домашен леб по желба.
Есенско вариво со леќа и ориз
Леќата е многу хранлива мешунка богата со протеини и сложени јаглехидрати, многу вкусна и вообичаена храна во вегетаријанската исхрана.
Во комбинација со оризот ќе ги обезбеди сите потребни аминокиселини.
Состојки:
200 гр леќа (исплакната)
100 гр ориз
1 супена лажица маслиново масло
1 црвен кромид (сечкан)
2 чешниња лук (сечкани)
2 моркови (исечени на тркалца)
2 стебленца целер (исечен на кришки)
1 сладок компир (исечен на коцки)
1 домат (исечен на коцки)
1 лажичка чаден пиперк
половина лажичка ким
1 лажичка куркума
половина лажичка мајчина душица
1 ловоров лист
1,5 л супа од зеленчук
црн пипер
сол.
Приготвување:
Во една лажица маслиново масло продинстајте го кромидот, а по неколку минути додадете го лукот и пржете уште една минута.
Додадете целер, сладок компир и морков и динстајте неколку минути.
Потоа, во тенџерето додадете ги леќата, оризот и доматот.
Додадете зачини и измешајте сè.
Додадете ја течноста и оставете да се готви околу половина час.
Извадете го ловоровиот лист пред сервирање.
Есенска веганска чорба
Вкусна, веганска, есенска, хранлива чорба ќе им одговара и на сештојадите кога сакаат да се одморат од месото.
Состојки:
200 гр тофу (исечено на коцки)
2 супени лажици соја сос
1 супена лажица маслиново масло
1 црвен кромид (сечкан)
2 чешниња лук (сечкани)
2 моркови (исечени на тркалца)
1 средна тиква Хокаидо (исечена на коцки)
1 сладок компир (исечен на коцки)
2 стебленца целер (исечен на кришки)
1 тиквичка (исечена на коцки)
половина чаша просо
1 лажичка чадена пиперка
половина лажичка куркума
половина лажичка мелен ким
1 лажичка мајчина душица
1 ловоров лист
1,5 л супа од зеленчук
црн пипер
сол.
Приготвување:
Исушете ги коцките тофу со хартиена крпа, а потоа оставете ги во соја сосот околу 10 минути за да се маринираат.
По маринирањето, испржете го тофуто во една лажица маслиново масло додека не добие златна боја.
Извадете го од тенџерето, додадете го кромидот и пржете неколку минути, а потоа додадете го лукот и пржете уште една минута.
Додадете го зеленчукот и динстајте неколку минути.
Додадете ги сите зачини, измешајте, па додадете ги течност и просото.
Гответе на тивок оган околу 25 минути.
На крајот од готвењето додадете го тофуто.
По готвењето, извадете го ловоровиот лист и послужете.