Евтини и многу здрави: 5 рецепти со сардини од конзерва

Фото: Unsplash
993

Сардините се едноставни и достапни риби. Богати се со лесно сварливи протеини и витамини од Б комплексот, витамини А и Д, како и калциум и железо. Освен свежи, сардините може да се купат и конзервирани, во вода, масло или во разни сосови и зачини. А со нив може да се направат навистина многу вкусни комбинации

Рибата е одличен извор на протеини и омега-3 здрави масти, па нутриционистите советуваат да биде вклучена во редовната исхрана, каде што барем еден оброк треба да биде масна риба како лосос, скуша, сардина или туна, бидејќи овие видови содржат најмногу омега-3 масни киселини. Помеѓу сината и белата риба, предност ѝ се дава на сината риба поради нејзината хранлива вредност. Едни од рибите кои според цената се најприфатливи, се секако сардините.

Сардините се едноставна и достапна риба која се нарекува „најквалитетна меѓу рибите“. Сардините се богати со лесно сварливи протеини и витамини од Б комплексот, витамини А и Д, како и калциум и железо. Освен свежи, сардините може да се купат и конзервирани, во вода, масло или во разни сосови и зачини.

Ви пренесуваме 5 едноставни рецепти за оброци кои можете да ги подготвите со помош на сардини од конзерва.

Сардини со тестенини и домати

Состојки:
150 гр тестенини
1 конзерва сардини во маслиново масло
2 чешниња лук
1/4 лажичка чили домати
200 гр пелати
1 лажица рендан пармезан
1 лажица маслиново масло
сол, црн пипер, власец

Приготвување:
Загрејте ја водата во тенџере и сварете ги тестенините според упатството на пакувањето. Отворете ги сардините и процедете го вишокот масло.
Во тава загрејте масло, а потоа додадете ситно сечкан лук. Кога ќе побели, додадете ги пелатите и динстајте на тивок оган. Кога сосот е речиси готов, додадете ги сардините и зачините и оставете го уште малку на оган.

Кога тестенините ќе се сварат, процедете ги и распоредете ги на чинија. Со сосот прелијте ги тестенините и одозгора ставете пармезан.

Намаз од сардина
Состојки:
1 конзерва сардина во маслиново масло
100 гр крем сирење
1/2 кромид
1 лажица исцеден сок од лимон
1 лажица маслиново масло
сол, црн пипер, магдонос, власец

Приготвување:
Исечете го кромидот што е можно поситно. Измешајте ги добро сите состојки или ставете ги во блендер и блендирајте додека не добиете кремаста текстура. Додадете зачини.

Салата со сардини

Состојки:
1 конзерва сардина во маслиново масло
1 јајце
рукола или која било друга салата
сол, црн пипер, зачини по желба
1 лажичка балсамико оцет

Приготвување:
Процедете ги сардините и сварете го јајцето. Во чинија ставете ја салатата, а одозгора сардините исечкани со вилушка и вареното јајце исечкано на четвртинки. Одозгора ставете ги зачините и измешајте.

Ќофтиња од сардина
Состојки:

2 лименки сардини во вода или масло
300 гр компири
1 лажица кремаста урда
2 супени лажици маслиново масло
50 гр овесно брашно или мелена овесна каша
сол, црн пипер, свеж магдонос

Приготвување:
Излупете ги компирите, исечете ги на коцки и сварете ги во солена вода. Кога ќе се сварат компирите, процедете ги и оставете ги на страна да се изладат. Додека се варат компирите, процедете ги сардините, ставете ги во сад и згмечете ги со вилушка.

Додадете ги компирите во сардините и згмечете сè, но и да останат некои парчиња компир. Додадете ја урдата, маслиново масло, овесна каша и зачини. Сè убаво измешајте додека не се соедини, па формирајте ќофтиња меѓу дланките. Ставете ги во фрижидер околу 30 минути, за да се стегнат.

После тоа загрејте ја тавата за грил и печете ги по 2 минути од секоја страна, а потоа повторете уште по 2 пати.

Сардини под јајца
Состојки:

2 лименки сардини во вода или масло
2 јајца
1 лажица маслиново масло
сол, пипер

Приготвување:
Процедете ги сардините. Во тава загрејте малку маслиново масло и ставете ги сардините да се загреат. После тоа, прелијте ги јајцата врз сардините, додајте зачини по желба и покријте со капак за да се запечат јајцата. Кога белката ќе стане цврста, тргнете ја тавата од оган и отворете ја, за жолчката да остане во течна состојба.