Фалафел, вегетаријански ќофтенца што ги таманат и месојадите

233

Ако си направите фалафел кога сакате да седнете на заеднички ручек со семејството чии останати членови се месојади и на крајот ви ги изедат повеќето, значи дека на овие крцкави вегетаријански ќофтиња, не може да им одолее никој

Изгледа дека колкава количина и да се направи од овие вкусни крцкави вегетаријански ќофтенца, никогаш не е доволно за сите, бидејќи дури и оние кои јадат месо, не одолеваат на нивниот вкус.

Обично ги правиме во две варијанти, во едната ставаме младо кромитче, а во другата само магдонос. И задолжително со прелив направен од таан, вода и сок од лимон.

Состојки:

2 шолји наут кој претходно стоел потопен во вода барем 12 часа. Треба да е сиров, но откако ќе стои во вода толку долго, омекнат е доволно за да може да се блендира.

млад кромид (по желба)

2-3 чешниња лук

Пола китка магдонос

2 лажици брашно (најдобро е ако имате брашно од наут, иако секое друго може да заврши работа доколку е смесата помека отколку што треба)

пола лажиче мелен ким

пола лажиче црвен пипер (може и лут)

сол и црн пипер

ако имате коријандер

потпечен сусам

Приготвување:

Леблебиите прелијте ги со студена вода (нека има барем двојно повеќе вода од леблебии) и ставете ги да преноќат. Следниот ден исцедете ги и измијте ги.

Изблендирајте ги сите состојки, но не претерувајте, структурата треба да биде зрнеста.
Додадете малку брашно и зачините и измешајте ги со смесата па оставете ја да отстои во фрижидер барем еден час.

Потоа, извадете ја смесата од фрижидер, додадете го потпечениот сусам, измешајте, формирајте ќофтенца и ставете ги во длабоко масло да се пржат.

Кога ќе се зацрвенат од сите страни извадете ги на хартија да се впие вишокот маснотија.

За преливот ви требаат таан, вода и сок од лимон кои треба да се мешаат додека да побели сосот.