Гоце Станоески: Офицер, џентлмен и винар

1.558

Како претставник од прилепското виногорје на винските салони во Скопје и во Битола пријатно не изненади малата семејна винарија „Сарика“, чиј сопственик Гоце Станоески веќе го обели образот на прилепчани со своите вина, со кои веќе освоил неколку награди

Иако кога ќе се спомне Прилеп, на сите пред очи им излегуваат низите со тутун, кога подобро ќе размислиме ќе се сетиме и на тоа дека таму речиси секоја куќа има и лозница, а ако малку се распрашаме ќе дознаеме и дека секое семејство има своја тајна рецептура за вино и ракија која се пренесува од генерација на генерација.

Но покрај прилепчаните кои обично прават вино за своја душа, таму функционира и винаријата „Сарика“, која е прва регистрирана семејна винарија во Прилеп, чии вина веќе ги освоија деликатните непца на најголемите љубители на вино кај нас.

Сопственик на винаријата е Гоце Станоески, по професија воено лице, вработен во АРМ, кој од она што било семејна традиција долга 80 години, решил да изгради квалитетен бренд кој ќе стане препознатлив по производство на квалитетно вино за домашниот пазар, а понатаму, и за пазарите надвор од Македонија каде би ја претставувале Македонија и Прилеп како региони во кои се произведува и ужива квалитетно вино.

Винаријата „Сарика“ е прва винарија од ваков тип, а нејзиниот сопственик, со оглед на својот војнички бекграунд, вредно и војнички дисциплинирано работи и се стреми кон висок квалитет на нивните вина не штедејќи ја својата енергија.

„Иако Прилеп е познат како тутунски крај, сепак се работи за град во кој речиси да нема куќа без вино во подрумот. Најголем број го пијат како комињарник, односно, не го одделуваат виното од комињето. За разлика од кавадаречкиот крај, кај нас количините се под 1000 литри по семејство. Некои грозјето го купуваат, но голем дел имаат и сопствени лозја. Последниве години бројот на лозари е сведен на минимум, така што најчесто грозјето го купуваат од Радобил, Ракле, Фариш и од кавадаречко. Во мојата фамилија, покрај тоа што се произведуваше тутун, имавме и сопствено лозје. Истото е формирано од мојот прадедо и традицијата ја продолжи мојот дедо, татко и сега јас. Сè уште користам грозје од некои лози кои датираат од времето на мојот прадедо Ѓоше кој ја почнал нашата винска приказна во далечната 1937.година, кога го засадил лозјето во месноста Сарика, во близина на Прилеп. Татко ми активно е вклучен во одгледувањето на грозјето, но правењето на вино го отпочнав самостојно во 2012. година“, ја раскажува Гоце својата приказна.

За разлика од неговите вина денес, до 2012,година и тие, како и повеќето прилепчани правеле комињарник.

„Во една голема бочва ги стававме сите сорти што се застапени во нашето лозје и пиевме вино кое беше направено од бели и црвени сорти заедно. Виното секогаш беше добро од причина што имаме квалитетно грозје“, раскажува Гоце.

Таа година, инспириран од емисијата „Вински мозаик“, тој одлучил да направи нешто сосема поинаку. Па така, решил од сортите што ги има да направи посебно бело, посебно розе и посебно црвено вино.

Првиот негов обид бил успешен и следувало само надградување на неговото знаење и интерес за усовршување на вината.

„Следејќи го г.Александар Вучковски и емитувањето на „Вински мозаик“, сфатив дека покрај „Бовин“ кои за мене се синоним за квалитет, постојат повеќе винарии во Македонија со врвни енолози, кои прават вина со кои добиваат награди на меѓународни натпревари“, објаснува Станоески.
Следувало зачленувањето во здружението „Тиквешки семејни винарии“ каде што се запознал со млади винари, ентузијасти, чија основна цел е иста како и неговата, производство на врвно вино. Со помош на здружението остварил контакти со енолози и почнал да зема часови за производство на вино. Имено, иако е воено лице и неговата дотогашна работа немала никаква врска со винарството, тој одлучил да го развие своето хоби и да го издигне на професионално ниво.

„Минатата година со измените на законот за производство на вино, како и најголемиот дел од членовите на ‘Тиквешките семејни винарии’, се регистрирав како физичко лице на кое му е овозможено да произведува и пушта вино во промет. На етикетите го користам името Sarika Winery според месноста каде се наоѓаат моите лозови насади.

Произведувам вина исклучиво од сопствено грозје, а капацитетот на винаријата е 3600 литри. Застапени се следниве етикети: Вранец, Прокупец, Пловдина, Мускат Италија и Сарика Бело (купажа од сортите жупјанка и ркацители). Специфично во моите вина е тоа што имаат високи киселини затоа што лозјата се наоѓаат на голема надморска висина (730 м.н.в.). Тоа е предност кај белите вина. Истите се свежи и лесни за пиење. Високите киселини добро се интегрирани и балансирани со алкохолот и танините и кај црвените вина, но за да постигнам повеќе бриксови кај нив правам голема редукција на приносот (од 600 до 800 кг. на декар)“, објаснува Станоески со јазик на професионалец во оваа област.

Досега има учествувано на натпреварот за младо вино кој се одржа во 2019. година во Кавадарци и каде што тој испратил 4 вина и сите биле добро оценети, а минатата година Сарика Бело добила второ место од белите вина на натпреварот во Неготино. Токму ова вино е и фаворит кај потрошувачите, додека вино кое најчесто го пие Гоце и во кое самиот најмногу ужива е Вранец барик.

Три генерации во семејството Станоески од Прилеп , во период од повеќе од 80 години, се труделе да му пружат на своето вино доволно љубов, а кога Гоце во ова додал и стручност, резултатот е поквалитетно и веќе препознатливо вино на нашиот пазар.

Во виното сè се врти околу лозовите насади и земјиштето. Потребно е да имате вистинска локација за лозје, сорта која ќе биде автентична, а потоа и огромна работа и желба за постојано докажување. Дури после тоа може да се роди голема винска приказна. Инстант приказни во винарството не постојат“, вели Станоески.