Хит на сезоната: Што ќе ви се тестенини, кога имате шпагети – тиква (ВИДЕО)

130

Иако шпагети тиквата не е ништо ново, на социјалните мрежи во моментов владее голема возбуда за овој вид тикви, па решивме да направиме мал водич за нејзина подготовка.

Значи, шпагети тиквата е вид на тиква што кога ќе се преполови и ќе се испече, а потоа се вади месото со вилушка, личи на шпагети, па најчесто и се служи како замена за тестенини.

Има долгнавеста форма и жолта боја, па лесно ќе ја препознаете (видете ја фотографијата).

Има прилично неутрален вкус и затоа е идеална како основа за месни филови и сосови, а може да се користи и за десерти.

Доколку пак, додадете мед и убава смеса од зачини, на пример комбинација од цимет, каранфилче и кардамон, ќе добиете прекрасен десерт.

Како е најлесно да се подготви?

Најлесен начин да се подготви шпагети тиквата е да ја преполовите, да ги извадите семките, да ја полеете со малку масло и да ја поросите со малку сол, па ставете ја во рерна на 200 степени и печете ја околу 40 минути, додека не омекне и додека не добиете впечаток дека нејзините конци лесно можете да ги извлечете со вилушка. Потоа направете го тоа и комбинирајте ги овие „шпагети“ со различни сосови по ваша желба.

Идеи за приготвување

На пример, можете да стопите малку путер во тава, да додадете зачини по желба, потоа да го додадете месото од тиквата и само накратко да го соедините со сосот на база на путер.

Добра опција би било да ги комбинирате со едноставен сос од печурки, кој ќе го направите така што на маслиново масло прво ќе испржите ситно сечкан кромид, лук и печурки, ќе ги зачините со сол, бибер и мајчина душица, ќе додадете малку вино и ќе го оставите алкохолот да испари.

Потоа додадете го месото од тиква и сè добро измешајте. Можете да додадете и една лажица кисела павлака ако сакате да добиете покремаст сос, но обидете се да избегнувате тешки сосови, бидејќи во таквите сосови тиквата целосно ќе се изгуби.
Покрај наведените методи, можете да користите и шпагети тиква во комбинација со рагу од месо или зеленчук и други, класични сосови кои вообичаено ги подготвувате.

Добра и уште повкусна опција би било однапред да се свари сосот, а потоа, кога тиквата е готова, од нејзиното месо направете шпагети, додајте го сосот во двете половини од тиквата, измешајте, посипете со сирење и вратете ги во рерна да се запече сѐ заедно.