Ако сакате да ја доведете во ред својата линија, овој едноставен појадок е вистинскиот избор.
Иако многумина сметаат поинаку, сепак, повеќето нутриционисти и здравствени експерти се уште го препорачуваат појадокот како најважен оброк. Нивните аргументи се главно дека појадокот помага во регулирање на шеќерот во крвта и дава енергија за ментална и физичка активност, а посебно е важен кај децата и учениците, бидејќи го подобрува вниманието и перформансите во училиште. Исто така, појадокот може да помогне во подобрување на метаболизмот и регулирање на телесната тежина (иако не кај сите). Потоа, може да спречи прекумерно јадење подоцна во текот на денот, а лесен, нутритивно балансиран појадок може да го подобри расположението и менталното здравје.
Е сега, тука се и приврзаниците на повремениот пост, интермитентно постење (intermittent fasting).
Многу луѓе успешно го прескокнуваат појадокот во рамки на интермитентното постење (на пример, 16:8). Истражувања покажуваат дека не е нужно штетно да се прескокне појадокот, особено ако останатите оброци се здрави и урамнотежени.
Заклучокот е дека нема „универзална“ вистина па така некои луѓе едноставно не чувствуваат глад наутро и се чувствуваат подобро ако јадат подоцна. Велат дека е поважен квалитетот на оброците, а не времето кога се консумираат. Но и дека неквалитетен појадок може да биде полош од никаков.
Под неквалитетен појадок се подразбира појадок полн со шеќери (житарки со шеќер, слатки, пекарски производи) може да доведе до енергетски пад и глад неколку часа подоцна. Значи, појадокот е корисен ако е здрав, избалансиран и прави да се чувствувате добро. Инаку, нема потреба да се форсира ако телото не бара храна наутро, особено ако имате стабилен ритам на јадење во текот на денот.
Но да се вратиме на оние за кои појадокот е најважниот оброк во денот. Ако знаете дека појадокот од една состојка ви помага да ослабнете и да одржите витка линија, можеби ќе почнете редовно да појадувате дома.
Познатиот американски доктор кој неодамна почина, Мајкл Мозли, тврдел дека идеалниот појадок за слабеење и активирање на метаболизмот секогаш вклучува јајца, без разлика во која варијанта ќе ги подготвите, варени, кајгана или омлет.
„Варени јајца, кајгана или вкусен омлет, без разлика како ги јадете, јајцата дефинитивно ќе ве одржат сити подолго време во споредба со житарките или тостот. Овој појадок е нискокалоричен и содржи многу висококвалитетни протеини, плус други хранливи материи како витамин Д и селен“, велел д-р Мозли.
За оние кои сакаат да комбинираат јајца со уште нешто, овој експерт за исхрана истакнувал дека полномасниот јогурт е една од најдобрите опции за појадокот со јајца.