Има 40 години, 1 маж, 3 сина, 40 кози и 20 овци: На сплиќанката Ивана воопшто не ѝ недостасува градскиот живот

676

Ивана Вранковиќ се омажила на само 21 година, ја напуштила професијата на физиотерапевт и заминала да живее во Свирче, на островот Хвар. Таму, со сопругот Мате и тројцата синови имаат мало селско домаќинство, чуваат кози и овци, одгледуваат зеленчук, маслинки и грозје и прават маслиново масло, вино, ракија и милион вкусни, домашни деликатеси.

Семејното домаќинство Мате Вранковиќ Жење, се наоѓа на островот Хвар, помеѓу местата Јелса, Стари Град и Врбоска, поточно, во селото Свирче кое јас постојано по грешка го нарекувам Врапче.
Нашите домаќини Ивана и Мате се занимаваат со одгледување на кози и овци и со производство на најразлични деликатеси.
Во својата понуда имаат млеко, јогурт и сирење, урда и кајмак, а покрај млечните производи, произведуваат и маслиново масло од сопствените маслинки и ракии и вино од сопствените лозја. На нивниот имот можат да се купат сите овие производи, но и многу други кои ги прави вредната Ивана.
На пример, домашни тестенини, мармалади и ликери, смокви во прошек и различни комбинации на маслиново масло со лук или маслиново масло со оригано, сушени домашни домати во маслиново масло, сирупи од мента и маточина и што уште не.


„Маслинка, бор, детелина, квалитетно жито и многу љубов и внимание и сé се враќа“, вели Ивана алудирајќи на количината на млеко која ја добиваат од своите кози.
И навистина, љубовта на ова семејство кон животните е неизмерна, па Ивана деновиве, освен со берба на грозје, правење на сирење и други секојдневни обврски, доби уште еден дополнителен ангажман – да се грижи за малото тукушто родено јагне кое мајката го напуштила па таа го зела од фармата и го донела дома да се грижи за него.


Инаку, Ивана е исклучително скромна жена и не сака многу да се пишува за неа, но кога слушна дека сме од Македонија и дека текстот е наменет за македонски портал, веднаш се согласи да поразговараме.
„Не сакам да бидам во никакви медиуми, ама ете, бидејќи сте од Македонија, а имам пријатели Македонци, сепак се согласувам“, ни рече Ивана уште при првиот контакт.
Имено, таа е од Сплит кадешто и живеела додека не се омажила на само 21 година и се преселила во Свирче.
Што се однесува до нејзините другари од Македонија, признава дека повеќе не се сеќава на нивното презиме, но дека заедно оделе во основно училиште.
„Жал ми е затоа што одамна веќе не сме во контакт, но Македонците се супер“, ни рече Ивана.


Таа е градска девојка и сé додека не се омажила немала видено коза во живо, но семејството на маж ѝ од памтивек имало земја и многу лозја од кои правеле вино, како и маслинови насади.
Така и ден денес нејзиниот Мате ја продолжува оваа традиција и прави одлично вино. Исто така, прават и маслиново масло од своите маслинови насади, а дел од маслинките ги сушат или ги конзервираат за во зима.
„Свекрва ми имаше две кози во куќата кога се омажив. Јас сум физиотерапевтка по професија и работев во Вела Лука и во Сплит, но не работам во струката откако се омажив.
Првото сирење го направив случајно и така започна сé. Обично правам секакви работи, сокови, џемови, маринирани домати, имаме и многу зеленчук и така натаму, но секогаш правам според инспирацијата, како што ќе ми дојде“, се смее Ивана.


Ивана има 40 години и со сопругот имаат три деца, најстарото има 18 години и е во училиштето за поморско инженерство во Сплит, а двата помали сина се уште во основно училиште.
„Имам 40 години, а се чувствувам како да имам 19“, се смее таа и додава дека сите тројца синови им помагаат на фармата и на лозјата, не затоа што сакаат туку затоа што мораат.
Вели дека не планираат да се шират со бизнисот, додека не видат дали некое од децата ќе сака да продолжи во слична насока.
„Ако сакаат, ги имаат сите предуслови и добро воспоставена работа. Тоа зависи од нив да одлучат што ќе прават понатаму. Ние засега ги имаме нашите стари клиенти такашто немаме многу простор за нови, бидејќи сé што произведуваме се продава однапред.

Правиме и маслиново масло за нас и за продажба, а од сирења најмногу правам млади сирења. Секако, знам да направам за во зима и полутврди сирења, барем за нас, а и за да се почестиме со пријателите. Правам понекогаш и козји кајмак , но само кога имам време и доволно сировини.

Ние сме мала фарма и сé се решава исклучиво со продажба од куќниот праг.

Немаме големи количини, но затоа квалитетот е загарантиран и продаваме исклучиво сопствени производи од наши сировини. Што имаме, тоа продаваме, а најважно од сé е тоа што го работиме она што го сакаме“, ни раскажа Ивана.

На нашето прашање дали понекогаш ѝ недостасува градскиот живот кој го оставила зад себе, одлучно вели: „Не ми недостасува ниту малку. Среќна сум со работата, со нашите животни и со семејството.

Имаме и свој зеленчук и среќна сум што можам да кажам дека никогаш во животот не сум купила ниту една пиперка или домат, за мене тие купечки производи кои се продаваат во маркетите се едноставно, нејадливи“.
И згора на сé, иако очекувавме дека покрај толку многу обврски околу животните и правењето на најразлични производи, ќе ни каже дека воопшто нема време за пливање и за уживање во ова прекрасно море, Ивана ни кажа дека секој ден стасува да се избања, а ако и не стаса преку ден, не ѝ бега ноќното бањање.
„За сé се наоѓа време ако е човек организиран. Стигнувам и да влезам во море, освен во период кога е јарењето на козите и кога се молзат. Тука нема одложување, па дури и ако е недела, Божиќ или Велигден“, завршува Ивана која е навистина неуморна во тоа што го прави, па директно од берба на грозје, знае да продолжи со правење на сирење кое нивните стални муштерии со душа го чекаат.


Ги оставивме во нивниот вистински мал рај во кој растат и многу диви растенија, а маслиновите дрвја даваат одлична сенка под која тие, на крајот од денот можат да уживаат во сите оние деликатеси кои сами ги прават, козјиот јогурт, козјото сирење, па козјо сирење во масло, кисел кромид во домашен оцет, домашни сувомеснати производи и сето тоа како мезе со домашните ракии од нане, орев, лимон, цреша, дури и ракија од рози.

Основата за сите нив е, се разбира, нивната локална лоза, но секоја има свој карактеристичен вкус и сите се дизајнирани од домаќинката.
Мате пак е горд на виното, богдануша или плавац, сеедно, неговото вино е резултат од богатото искуство, долгата семејна традиција и секако, семејната среќа и хармонија.