Јадете ги редовно – ќе го намалите ризикот од рак, срцев удар, висок холестерол и дијабетес

Фото: Freepik
487

Лененото семе е богато со полинезаситени масни киселини, влакна, манган, магнезиум, цинк, витамин Б6, железо и фолна киселина. Го намалува ризикот од развој на рак на дојки и на простата, а се покажало како ефикасно во лекувањето на дигестивни проблеми и намалување на нивото на лошиот холестерол, што го намалува ризикот од развој на дијабетес и срцеви заболувања.

Ракот на дојката е најчест малигнен тумор кај жените и прва причина за смрт од малигно заболување кај женската популација во светот. Новото истражување открива дека семето од лен може да го намали ризикот за заболување од оваа болест.

Барем така покажало истражувањето на научниците од Небраска и Канада, кои на женските глувци им давале раствор од масло од ленено семе кое содржи лигнани, супстанции присутни во храната богата со растителни влакна, како што се житарките, семките и јаткастите плодови и во напитоците како кафето. Тие откриле дека семето од лен делува како активирач за поврзување помеѓу микробиомот на цревата и микро РНК молекулите на млечните жлезди, кои се поврзани со растот на клетките на ракот на дојката. Женските глувци кои примале масло од ленено семе имале помал ризик од развој на рак на дојка. Авторите на студијата велат дека ова откритие може да доведе до нови насоки за исхрана за превенција од рак на дојка, еден од најчестите видови тумори во светот.

„Доколку ова откритие се потврди, микробиотата ќе стане нова алатка за превенција од рак на дојка преку нутриционистички интервенции“, изјавила д-р Елена М.Комели, автор на студијата и професор на Катедрата за нутриционистички науки на Универзитетот во Торонто.

Го намалуваат лачењето на естроген

Претходните истражувања покажаа дека лигнаните имаат антиинфламаторни својства и предизвикуваат намалено лачење на естроген во телото, што доведува до помал ризик од рак на дојка. Научниците три недели ги хранеле женските глувци со раствор од лигнани од ленено семе и откриле дека тоа предизвикува реакција во слепото црево, кое се наоѓа на спојот на тенкото и дебелото црево. Кога семето од лен ќе влезе во микробиомот на цревата (мрежата на бактерии кои живеат во дигестивниот систем и нè штитат од болести и го регулираат апетитот), тие испраќаат сигнал до молекулите на miRNA во млечните жлезди, што доведува до намалување на ризикот од развој на клетки на рак на дојка.

„Гастроинтестиналната микробиота игра важна улога во модифицирањето на многу компоненти од нашата исхрана, што влијае на здравјето на луѓето“, вели д-р Џенифер Аухтунг, една од соработничките во истражувањето и професор на Универзитетот Небраска-Линколн.

„Во оваа студија забележавме поврзаност помеѓу исхраната збогатена со ленено семе, составот на микробиотата на слепото црево и miRNA профилот на молекулите на млечните жлезди кои регулираат многу процеси, вклучително и оние кои се вклучени во развојот на ракот. Ова е прелиминарна студија која претставува поттик за понатамошни истражувања за улогата на микробиотите во нутриционистичките пристапи насочени кон намалување на факторите на ризик поврзани со болеста“, објаснува д-р Аухтунг.

Други придобивки од лененото семе

Веќе е докажано дека лигнаните доведуваат до производство на помалку активни форми на естроген кај жените во постменопауза, а се верува дека тоа го намалува и ризикот од развој на рак на дојка. Други житарки, како што се јачменот, ‘ржот, овесот, пченицата и просото, исто така, содржат високо ниво на лигнани, а тие се присутни во поголеми количини во други семиња и јаткасти плодови, како и во некои пијалаци, како што се кафето, чајот и виното. Ова најново истражување ги потврди резултатите од други, неодамнешни студии кои сугерираат дека семето од лен го намалува ризикот од развој на рак. На пример, студија од 2021 година во која учествуваа повеќе од 400 луѓе, објавена во списанието Clinical Nutrition Research покажа дека консумирањето лигнани резултира со помал ризик од рак на дојка. Некои студии укажаа на можноста дека семките од лен го забавуваат растот на клетките на ракот на простата, а лененото семе, исто така, се покажа како ефикасно во лекувањето на дигестивни проблеми, како што е запек, и намалување на нивото на LDL или лошиот холестерол, што го намалува ризикот од развој на дијабетес и срцеви заболувања.

Лененото семе е богато со полинезаситени масни киселини, влакна, манган, магнезиум, цинк, витамин Б6, железо и фолати, а сето тоа го подобрува метаболизмот, варењето и имунолошкиот систем. Тоа е богато и со омега-3 масни киселини, што е многу важно за веганите или поединците кои не јадат морска храна. Тие го поттикнуваат развојот на невроните и го регулираат функционирањето на мозокот. За севкупно подобрување на здравјето на мозокот, доволно е една до две лажици ленено семе дневно.