И покрај сите нивни здравствени придобивки, постојат неколку групи луѓе кои не треба да јадат јагоди или треба да ги консумираат со претпазливост
Постојат неколку групи луѓе кои не треба да јадат јагоди или треба да ги консумираат со претпазливост.
Јагодите се богати со витамини, минерали, влакна и соединенија со антиоксидантни и антиинфламаторни својства. Тие се сметаат за здрава бобинка или храна, бидејќи можат да помогнат во спречувањето на разни состојби. Jагодите се идеален извор на влакна, бидејќи една порција содржи околу 3 грама влакна, а препорачаниот дневен внес е 12 г. Богати се со витамин Ц и магнезиум.
Дури и јагодите за кои се вели дека се „слатки како мед“ не се забранети за луѓе кои имаат проблеми со нивото на шеќер во крвта, бидејќи е докажано дека ова овошје не им штети на луѓето со дијабетес. Сепак, постојат категории на луѓе кои треба да бидат внимателни кога доаѓа сезоната на јагоди. Експертите препорачуваат јагодите да ги избегнуваат:
Луѓе алергични на јагоди
Јагодите можат да предизвикаат алергиски реакции, особено кај децата. Алергијата се јавува поради реакцијата на имунолошкиот систем на одредени протеини што се наоѓаат во јагодите. Кај луѓето кои се алергични, имунолошкиот систем погрешно ги идентификува протеините во јагодите како опасни. Ова предизвикува алергиска реакција – се ослободуваат хемикалии како што е хистамин, што доведува до симптоми како што се:
Чешање на устата, јазикот или грлото
Осип или уртикарија
Течење на носот, кивање
Отекување на усните или лицето
Во потешки случаи, се јавуваат проблеми со дишењето или анафилакса.
Протеинот Fragaria алерген 1 (Fra a 1) е главниот алерген во јагодите и е структурно сличен на поленот од бреза, па затоа луѓето кои се алергични на полен често реагираат на јагоди (синдром на орална алергија). Ако некој е алергичен на полен од бреза, јаболка или лешници, може да реагира и на јагоди поради сличните протеини – состојба позната како вкрстена реактивност.
Луѓе со нетолеранција на хистамин
Јагодите природно содржат хистамин и можат да ги влошат симптомите кај луѓе кои се чувствителни на хистамин. Обично предизвикуваат силни главоболки, проблеми со варењето, осип на кожата… Освен што хистаминот се ослободува за време на алергиска реакција, лекарите предупредуваат дека можеме да го внесеме и надворешно, со консумирање на разни видови храна и пијалаци кои природно содржат хистамин како активна состојка или тој се формира за време на нивното разградување.
Бебиња под една година
Јагодите често се одложуваат во исхраната на бебињата до најмалку 12 месеци поради потенцијални алергии, но и поради киселините што можат да го иритираат чувствителниот желудник или цревата на бебето. Особено во првата година од животот, јагодите можат да предизвикаат алергии што се појавуваат како осип околу устата, црвенило, оток или дури и посериозни реакции како што е уртикарија. Оваа реакција се јавува затоа што јагодите содржат протеини кои можат да го стимулираат имунолошкиот систем на бебињата чии дигестивен тракт сè уште не е целосно развиен. И покрај сето погоре наведено, не треба да се заборави дека јагодите се меѓу овошјата што најчесто се прскаат со пестициди. Доколку не се органски и темелно измиени, јагодите можат да бидат штетни за телото на бебето кое е сè уште во развој.
Луѓе со гастритис, чир или чувствителен желудник
Јагодите се кисели, содржат неколку видови киселини и можат да ја иритираат слузницата на желудникот. Најважна и најзастапена е јаболковата киселина или малатна киселина, а во помала мера, јагодите содржат и лимонска киселина. Покрај тоа, во овошјето се присутни и мали количини на салицилна киселина.
Јаболковата киселина им дава на јагодите нивната карактеристична кисела нота, вкупната киселост на овошјето зависи од лимонската киселина, а салицилната киселина, како природен антиинфламаторен агенс, може да предизвика реакции кај чувствителни луѓе. Затоа, овие бобинки не се препорачуваат за луѓе кои страдаат од гастритис, гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) или чир на желудник.
Луѓе кои земаат одредени лекови (за разредување на крвта)
Јагодите содржат салицилати, природни супстанции слични на аспирин, кои можат да влијаат на згрутчувањето на крвта. Затоа, луѓето што земаат лекови за разредување на крвта, како што е варфаринот, мора да бидат внимателни со внесувањето на одредени видови храна, вклучувајќи ги и јагодите, но не затоа што се забранети, туку затоа што можат да влијаат на ефектот на лекот. Варфаринот делува така што ја зголемува активноста на витаминот К, кој е неопходен за згрутчување на крвта. Храната богата со витамин К (како што се кељот, спанаќот и брокулата) може да ја намали ефикасноста на варфаринот.
Јагодите имаат многу малку витамин К, па затоа сами по себе не се проблем. Сепак, јагодите содржат природни салицилати, кои се слични на активната состојка во аспиринот и можат да влијаат и на згрутчувањето на крвта. Кога се комбинираат со лекови за разредување на крвта, овие супстанции можат да го зголемат ризикот од крварење, особено ако се консумираат во големи количини.