Јаткастите плодови и семките содржат фитинска киселина: Еве како да се ослободите од овој антинутриент

Фото: Pexels
666

Фитинската киселина ја отежнува апсорпцијата на хранливите материи, а со оглед на тоа што јаткастите плодови и семињата се идеален извор на хранливи материи, за да се ослободите од овој антинутриент, треба претходно да ги подготвите за консумација

Јаткастите плодови и семките се одличен извор на незаситени масни киселини и протеини, а може да се конзумираат во слатки и солени јадења или само како грицки за ужина.
За сите луѓе кои избегнуваат месо, риба и друга храна од животинско потекло во нивната исхрана, јаткастите плодови и семките се идеален извор на многу потребните хранливи материи. Богати се со корисни незаситени масни киселини и протеини, па затоа е добро да ги консумирате редовно, или како ужина, како состојка во сирови десерти, одличен додаток на солени и слатки јадења, сосови и салати. Всушност, каде и да ги додадете, тие ќе бидат одлични.

Природата некако се погрижила за време на есента и зимата, кога има дефицит на сезонско овошје и зеленчук, човекот да може да преживее со јаткасти плодови, чија сезона трае неколку месеци, бидејќи тие можат да ги задржат хранливите материи со месеци кога се сушат и се складираат на соодветна температура.

Натопување на јаткастите плодови

Можеби не сте знаеле, особено ако сте вегетаријанец или веган и ако ги јадете во големи количини, дека е добро прво да ги подготвите за консумација. Бадемите, оревите, индиските ореви, лешниците, ф’стаците, бразилските ореви, макадамиите, пеканот, па дури и семките како што се лен, сусам, тиква или сончоглед понекогаш може да предизвикаат стомачни проблеми бидејќи тешко се варат. Имено, тие содржат т.н ензимски инхибитори, односно, покриени се со природни ензими кои ги штитат за да не почнат да ртат.

Станува збор за фитинска киселина преку која се складира фосфорот во растителните делови, особено во никулците и семките. Оваа киселина е класифицирана како анти-хранлива состојка бидејќи може да ги врзе фосфорот, калциумот, железото и другите минерали во човечкото тело и да ја намали нивната апсорпција и искористување.

Но, решението за овој проблем е многу едноставно – јаткастите плодови и семките треба да се потопуваат во вода пред да се консумираат. Ако ги јадете без претходно да ги натопите, фитинската киселина се врзува за минералите во гастроинтестиналниот тракт, па тие не можат да се апсорбираат во цревата. Така, освен тоа што може да имате проблеми со варењето, вашето тело нема да има многу корист од јаткастите плодови.

7 причини зошто да ги натопите јаткастите плодови и семките

Намалување или елиминација на фитинската киселина
Подобрување и олеснување на варењето
Отстранување на ензимски инхибитори
Зголемување на достапноста на хранливи материи
Ослободување на добри ензими и живот – започнување на процесот на ‘ртење
Подобрување на вкусот и текстурата
Намалување на калориската вредност

Кога ги натопувате јаткастите плодови во вода, се случуваат два процеса: се измиваат молекулите кои го отежнуваат варењето и се активира процесот на ртење, така што количината на скроб и влакна се намалува, додека протеините и витамините се зголемуваат.

Како да ги натопувате јаткастите плодови?
Секоја јатка и семе имаат свое време на киснење. Но, пред да ги потопите во вода, задолжително добро исплакнете ги. Едно е сигурно, ако ги чувате во вода подолго од препорачаното време, нема да им наштети. Потребното време на натопување на јаткастите плодови варира од вид до вид. Најпрактично е да ги киснете преку ноќ и повторно да ги измиете наутро, бидејќи подолгото време на киснење нема да им наштети.

Откако ќе ги натопите, добро исплакнете ги и исушете ги во рерна на ниска температура, во дехидратор на 42 степени или распостелете ги на крпа и оставете ги да се исушат 24 часа. Потоа можете или да ги замрзнете или да ги чувате на суво место, со проток на воздух, со надворешна температура до 24 степени.

Лешници, кикиритки и пињоли: 1 лажичка сол на чаша плодови, киснете помеѓу седум и 12 часа. Се сушат помеѓу 12 и 24 часа.

Индиски ореви: 1 лажичка сол на чаша плодови, киснете помеѓу три и шест часа, сушете помеѓу 12 и 24 часа.

Бадеми: 1 лажичка сол на чаша плодови, киснете помеѓу 12 и 24 часа, сушете помеѓу 12 и 24 часа.

Ореви (сите видови): 1 лажичка сол на чаша плодови, киснете помеѓу седум и 12 часа, сушете помеѓу 12 и 24 часа.

Семки од сончоглед: 2 лажички сол на чаша семки, натопете помеѓу седум и 10 часа,
сушете 12 часа.

Семки од тиква: 2 лажички сол на чаша семки, натопете помеѓу седум и 10 часа, сушете 12 часа.