Како да го чувате квасецот во сите негови форми и проверен рецепт за стартер

Фото: Pixabay
529

Постојат различни видови на квасец, а секој од нив има свои карактеристики. Еве како да ги користите и да ги чувате, но и како да направите сами домашен, таканаречен див квасец

Освен ако не печете на големо, квасецот обично доаѓа во многу поголеми количини отколку што е потребно за еден рецепт па треба да знаете дека можете да го зачувате за подоцна, односно за друг рецепт. Дали можете да го замрзнете и како да препознаете дали квасецот е сѐ уште активен.

Имено, квасецот е жива култура која најчесто се користи во пекарството, пиварството и во производството на вино. Научното име на најпознатиот вид на пекарски квасец е Saccharomyces cerevisiae, иако е општо познато како „габа што јаде шеќер“. Овие едноклеточни габи, всушност, се хранат со шеќери за да добијат енергија за раст, со што се ослободува јаглерод диоксид што предизвикува тестото да нарасне. Постојат различни видови на квасец, но во домаќинството обично се користат инстант и свеж квасец, додека течниот повеќе се користи во индустријата и во производството на пиво и пекарски производи. Исто така е сè попопуларен и дивиот квасец, кој можете да го направите сами (ќе ви покажеме како подолу).

Како се чуваат различни видови на квасец

Инстант сув квасец

Ова е најчесто користениот вид квасец, бидејќи не бара растворање пред да се додаде во рецептот.

Како да го чувате: Инстант квасецот е многу стабилен и може да се чува во сув, херметички сад на собна температура до датумот на истекување испечатен на амбалажата.

Свеж квасец (пекарски компримиран)

Свежиот квасец се продава во форма на компресирани блокови или коцки и е многу расиплив, па ќе го најдете во фрижидерите на повеќето продавници за храна. Ако стои на полиците, едноставно заобиколете го. Свежиот квасец како овој треба да се раствори во течност пред да се додаде во рецептот.

Како да го чувате: Свежиот квасец секогаш треба да се чува во фрижидер и да се користи во рок од една или две недели по купувањето.

Течен квасец

До 1825 година, кога почнал да се користи свеж компримиран квасец, квасецот се продавал во течна форма. Сегашното враќање во таа форма ги задоволува потребите на индустриските и традиционалните пекари, но го нема во продавниците за широка потрошувачка, туку само во специјализирани продавници и веб-продавници. За познавачите, квасецот во оваа форма е најмногу сличен на стартерот за кисело тесто, бидејќи се состои од живи организми од квасец, јаглени хидрати и вода.

Како да го чувате: Течниот квасец ќе опстане во фрижидер се додека редовно му се додаваат свежи јаглехидрати.

Можеме ли да го замрзнеме квасецот?

Да, квасецот може да се замрзне, но не сите видови. Важно е да обрнете внимание на неколку работи ако сакате да го чувате квасецот во замрзнувачот:

Замрзнете го само новокупениот сув квасец со добар рок на траење.
Проверете дали е во херметички сад или пакување.
НЕ ВРЕДИ ДА СЕ ПРОБА! Не замрзнувајте свеж квасец – нема да биде за употреба подоцна.
Кога ќе бидете подготвени да го користите квасецот од замрзнувачот, едноставно додадете го во вода на собна температура за да го „разбудите од хибернација“.

Како да препознаете дали сувиот квасец е сè уште активен

Доколку квасецот сте го чувале долго време, би било добро да проверите дали е сѐ уште активен пред да го додадете во рецептот. Во сад за мерење течност, растворете 1 лажичка шеќер во 1/2 чаша топла вода. Добро измешајте да се раствори шеќерот. Потоа додадете 2 и пол лажички сув инстант квасец на собна температура и повторно добро измешајте. Квасецот би требало да „потоне“ во водата, а ќе покаже дали е активен по 3-4 минути, кога треба да почне да нараснува. По уште десетина минути треба да биде прилично пенест и да нарасне. Ако не нарасне, квасецот има мала или никаква активност и не е употреблив.

Направете свој див квасец

Потребни ви се само две состојки и малку трпение.

РАСТЕЊЕ НА СОПСТВЕН СТАРТЕР:

ПРВ ДЕН

Добро измешајте 20 гр брашно и 20 гр вода за да добиете хомогена смеса.

ВТОР ДЕН

Додадете уште 20 гр брашно и 20 гр вода и измешајте. Смесата треба да се меша уште два пати тој ден.

ТРЕТ ДЕН

Додадете 30 гр брашно и 30 гр вода. Мешајте два пати на ден.

ЧЕТВРТИ ДЕН

Одземете половина од смесата и повторете ја постапката од третиот ден.

ПЕТТИ ДЕН

Одземете половина од смесата и повторете ја постапката од третиот ден.

ШЕСТИ ДЕН

Одземете половина од смесата и повторете ја постапката од третиот ден.
Ако ви е жал секојдневно да фрлате половина од смесата, можете да ја размачкате на хартија за печење во тенок слој и да ја оставите да се суши на воздух три дена. Потоа издробете ја и чувајте го во тегла до следната употреба, кога ќе треба само да го додадете сувиот стартер во водата и брашното за да го активирате. Исто така, можете да ја употребите и во смесата за палачинки или за брзи погачици.