Како да се направи најдобрата супа од домати? Еден од овие методи исклучува дури и стоење покрај шпоретот

Фото: Unsplash
224

Без разлика дали сакате да јадете само супа или секогаш додавате ориз, тарана, крцкав леб или сендвич со сирење, ова се рецептите кои навистина ви се потребни ова лето


Тие вистински, летни, сочни и слатки домати полека пристигнуваат на пазарите и вистинско време е да се направи супа од домати.

Покрај тоа што е добар избор за едноставен и брз ручек, со кој можете да послужите само уште неколку парчиња крцкав леб или сендвич со сирење, доколку направите поголема количина, можете да замрзнете дел и само да го извадите по потреба.

Подолу има два начини за подготовка на супа од домати, со кои ќе го извлечете максимумот од овие плодови со што помалку труд.

А тоа, ќе се согласите, е сѐ што ни треба овие топли летни денови.

Класичен рецепт:

Наместо само да ги фрлите доматите во тенџерето и да ги зготвите со некои зачини, додадете уште неколку чекори во подготовката и направете ја најдобрата супа од домати досега.

Ќе ви требаат 2-3 големи домати, конзерва излупени домати, маслиново масло, лук, босилек, сол, шеќер и бибер и еден мал кромид.

Најпрво на маслиново масло продинстајте го ситно исечканиот кромид, а кога ќе добие боја додадете го згмечениот лук.

Количеството на лукот што ќе го користите прилагодете го по сопствен вкус, но околу пет би требало да бидат доволни.

Потоа додадете го шеќерот, промешајте и варете една минута, па додајте ги доматите кои сте ги исечкале на поголеми парчиња, кратко продинстајте и додадете една конзерва пелати.

Сè убаво измешајте, покријте со вода, зачинете со сол и бибер и оставете да се динста околу 20 минути.

Кон крајот на готвењето, во тенџерето додадете дел од босилекот, а потоа сè заедно изблендирајте.

Повторно ставете го на оган и по желба додадете во супата една шака ориз или тарана и варете додека не биде готово.

На крајот фрлете уште малку ситно сечкан босилек. Супата секогаш можете да ја сервирате сама, со додавање на коцки леб кои накратко сте ги потпекле на тавата.

Што друго да додадете во супа од домати?

Покрај печените коцки леб, кои можете да ги направите во рерна или на тава со малку маслиново масло, во супата од домати пред послужување можете да додадете и малку рендан пармезан или друго сирење.

Можете да додадете и презла со вкус (на пример, ставете коцка путер на тавата, оставете да се растопи, потоа додадете презла, згмечен лук, кора од лимон, сол и бибер), а можете да додадете и малку ситно сечкани свежи домати зачинети со многу маслиново масло, босилек, оригано, мајчина душица, сол и бибер.

Ако ги печете доматите за супа во рерна, во комбинацијата додадете и шери домати, испечете ги и користете ги за декорација на супата.

Потпечени јатки или семки исто така ќе бидат добра идеја.

За оние кои не сакаат да стојат на шпорет

Во случај да не ви се допаѓа да стоите на шпорет на ова тешко, врело време, можете да направите супа од домати на малку поинаков начин.

Прво вклучете ја климата, а потоа и рерната.

Во поголем сад ставете 5-6 сочни домати кои сте ги исечкале на парчиња. Додадете две помали кромидчиња исечени на четвртинки, сол, бибер и малку шеќер.

Додадете прилично количество маслиново масло, гранче мајчина душица, малку босилек и други зачини по желба.

Сѐ добро измешајте. Завиткајте главица лук во фолија и додадете неколку капки маслиново масло. Сѐ заедно ставете во рерна на 200 степени и печете 20-30 минути.

Кога ќе биде готово, ставете ги доматите, кромидот и зачините во блендер, а лукот одвиткајте го и истискајте го. Додадете малку топла вода, додадете дополнително зачини по потреба, изблендирајте и супата е готова.

Сето тоа послужете го заедно со препечени коцки леб и, евентуално, додадете топливо сирење.